Левичарската Влада на словачкиот премиер Роберт Фицо по неколкугодишни мерки на штедење, ќе донесе „позитивен пакет“, кој би донел зголемување на минималната плата, намалување на задолжителните плаќања за лизата со низок и среден приход и намалување на цената на гасот.
Исто така, поевтинувањата ќе важат и за учениците, студентите и пензионерите кои ќе имат можност бесплатно да го користат железничкиот сообраќај.
Ова, како што јави дописникот на МИА од Прага, го најави Фицо на денешниот вонреден конгрес на неговата партија Насока – Социјална демократија (СМЕР-СД).
Според премиерот, ќе бидат направени и кадровски промени во неговиот еднопартиски кабинет.
– Тоа се 15 мерки, кој ги нарекуваме позитивен пакет за словачката јавноста. Лицата нема да не гласаат за консолидација на јавните финансии, туку за она што тие ќе го почувствуваат во нивните животи, рече Фицо во говорот пред делегатите на партијата.
Тој додаде дека по државното влијание на трговијата со гас, во идните две години неговата цена ќе падне за двоцифрен број.
Министерот за финансии и потпретседател на СМЕР-СД, Петер Кажимир додаде дека наведените мерки ќе чинат 250 милиони евра, кој ќе се обезбедат и покрај планираното продолжување на понатамошно намалување на државниот дефицит.
Актуелната Влада, минатата година првпат од воведувањето на европската валута во државата, успеа да го доведе буџетскиот дефицит на ниво од под три проценти од БДП, како што е предвидено и со правилата на ЕУ.