Четири месеци по почетокот на ископувањата на нови бунари за водоснабдување на Гевгелија, од работната машинерија ниту трага на локацијата.
Членовите на иницијативата „Арсена“ од Гевгелија денеска го посетија местото од каде што во февруари годинава, два дена по промоцијата на водата „Арсена“ која ја пијат гевгеличани од бунарите кај Моин а која беше констатирано дека има недозволива концентрација на арсен во водата, беше најавено дека започнуваат ископувањата на нови бунари за вода во ревирот кај Вардар за снабдување на општина Гевгелија со чиста вода за пиење.
Овој проект беше назначен како еден од приоритетите на Владата и на Општината во
националната програма за водоснабдување.
Наместо работна машинерија на просторот денеска е само чиста ледина и самоникната трева.
Од „Арсена“ порачуваат дека крајната цел на нивната иницијатива е да се подигне нивото на свест кај надлежните за решавање на овој проблем со водоснабдувањето на гевгеличани, но и изнаоѓање трајно решение за чиста и здрава вода за пиење.
Дотогаш, порачуваат дека како олеснување на граѓаните очекуваат да биде прифатена нивната Иницијатива доставена до Советот на Општина Гевгелија за намалување на цената на водата на ниво на техничка вода.
Спасете не од арсенот – порачуваат гевгеличани.