Тутунскиот пазар во Македонија е стабилен и има силна конкуренција, а шверцот со цигари е најмал во регионот и изнесува само два отсто, додека во соседството е околу 20 проценти, оцени денеска на прес-конференција менаџментот на фабриката за цигари „Ровињ“ (ТДР).
ТДР врши значителен откуп на македонски ориентален тутун, преку 1.000 тони, и инкасира во буџетот 16 милиони евра.
Според првиот човек на компанијата Мато Задро, зголемувањето на акцизите е причина за пораст на нелегалната трговија со цигари која не плаќа давачки кон државата.
– Десетгодишниот календар на македонската Влада за зголемување на акцизите за цигари е добар чекор, бидејќи на производителите им нуди предвидливост потребна за бизнисот и цените. Важно е што ваквиот чекор ќе го контролира и нелегалниот пазар на цигари, бидејќи Македонија и со ова покачување на акцизата повторно ќе има ниско оптоварување на цената на име даноци и акцизи во однос на Европскта унија. Минималното оптоварување во Македонија сега е 26,8 евра на ијалда парчиња цигари, а во Унијата 77 евра, рече Задро на прес-конференција.
За десет години, додаде, давачките во Македонија ќе пораснат на 55 евра за илјада парчиња, а во државите на ЕУ оптоварувањето ќе биде 90 евра.
Данокот и акцизата со 75 проценти учествуваат во структурата на малопродажната цена на цигарите и затоа, нагласи Задро, може да се очекува да се зголемат цените на цигарите. Сепак, акцизите не се единствен фактор во формирањето на цените. Голема улога има и конкуренцијата која е силна на македонскиот тутунски пазар.
Од први јули ќе почне постапката на зголемување на акцизата за цигари за 0,15 односно 0,20 денари годишно до 2023 година. Проценките велат дека цигарите што се продават по 50 денари, за десет години би требало да чинат 90 денари.
Минатата година ТДР продаде 510 милиони парчиња цигари во Македонија што е раст од седум проценти во однос на 2012-та.