Со уште еден пораз женската кошаркарска репрезентација на Македонија ги заврши квалификациите за Европското првенство 2015 година кое ќе се одржи во Унгарија и Романија.
На средбата одиграна попладнето во салата Јасмин во Кавадарци, а во рамки од последното 6.коло на групата „Б“ група, репрезентацијата на Македонија загуби од Белгија со 58:95.
Вообичаено најдобра во нашата селекција беше натурализираната Македонка (Американка) Криси Гивенс која средбата ја заврши со 38 поени и 12 скокови, додека Софија Лазареска имаше учинок од 9 поени и 5 скови.
Во репрезентацијата на Белгија дури пет кошаркарки имаа двоцифрен број на постигнати поени, а најмногу 16 реализира Џули Ванло.
За избраничките на селекторот Горан Јовановиќ, ова беше шести пораз во исто толку одиграни средби, по кој останаа „заковани“ на дното на табелата.
Во вториот натпревар од оваа група вечерва играат Велика Британија и Литванија, дуел кој директно ќе реши која од овие две селекции ќе го освои првото место во групата.
Табела: Литванија 4-1 (победи-порази), Велика Британија 4-1, Белгија 3-3 и Македонија 0-6.