Во сите центри за јавно здравје во Македонија од денеска првпат ќе профункционираат советувалишта за откажување од пушење. Стручен и обучен тим од доктор и медицинска сестра ќе одржува едукативни предавања во советувалиштата, а зависно од околностите, предвидена е соработка и со други кадри, како психолог.
Советувањата се бесплатни. До средината на август ќе бидат достапни за лекарите, а од 20 август и за сите заинтересирани граѓани кои ќе се обратат во Центрите за јавно здравје. Воведени ќе бидат и посебни термини за советување против пушење кај адолесцентите.
Со Програмата за работа на овие советувалишта првично се опфатени здравствените работници кои се пушачи. Се почнува со околу 100 здравствени работници, вработени во самите Центри за јавно здравје каде се спроведуваат советувалиштата, а потоа и останатите здравствени работници од сите јавни здравствени установи во Македонија со цел понатаму да можат да придонесат кон одвикнување од пушење кај нивните пациенти.
Секој Центар за јавно здравје изготвува план за работа на советувалиштето, кој ќе биде достапен на веб-страниците на центрите. Овие едукации ќе се одржуваат двапати неделно по два часа. Во Центарот за јавно здравје во Скопје, советувалиштето ќе работи во вторник и четврток од 13 до 15 часот.
Едукативните предавања во овие советувалишта се фокусирани на презентирање на штетните ефекти од пушењето врз здравјето на пушачите, но и штетните влијанија од тутунскиот чад за околината. Во рамки на предавањата е предвидено презентирање и на различните можности за одвикнување од пушењето, посочување на одредени супститути на никотинот (медикаменти, мастики, лепенки за откажување,…), како и укажување на симптомите на апстиненцијалната криза.
Предвидена е групна едукација на сите лица кои ќе ги посетуваат советувалиштата (околу 10-тина во група), како и индивидуална едукација на лицата кои ќе искажат желба и волја да се откажат од пушењето.
Според Министерството за здравство, најважно е во советувалиштата да се истакнат многубројните здравствени придобивки од откажувањето од пушењето, како намалување на крвниот притисок, подбрување на циркулацијата и функцијата на белите дробови, намалување на кашлањето и отежнатото дишење и на ризикот од срцев удар….
Веќе се изработени информативни табли, со унифициран изглед, кои ќе бидат поставени пред секој Центар за јавно здравје низ Републиката, со цел нивно лесно препознавање.
Македонија е една од 168 држави во светот, кои ја имаат ратификувано Повелбата на Светската здравствена организација–Рамковна конвенција за контрола на тутунот во 2006 година. Нашата држава во целост ги имплементира препораките од СЗО и во 2009 година беа воведени предупредувачки слики на сите производи од тутун, согласно Директивата на ЕУ од 2001 година, бр. 37.