Бесплатни советувалиштa за откажување од пушење

Од:

Во сите центри за јавно здравје во Македонија од утре првпат ќе функционираат советувалишта за откажување од пушење. Стручен и обучен кадар од доктор и медицинска сестра ќе одржуваат едукативни предавања во советувалиштата, а во зависност од околностите, предвидена е соработка и со други кадри, како психолог.

Ова на денешната прес-конференција го најави министерот за здравство Никола Тодоров, кој појасни дека советувањето ќе биде бесплатно.

– Од утре до средината на август, советувалиштата ќе бидат достапни за лекарите. Од 20 август советувалиштата ќе бидат достапни и за сите заинтересирани граѓани кои ќе се обратат во Центрите за јавно здравје, а воедно ќе бидат воведени и посебни термини наменети за советување за откажување од пушење кај адолесцентите, рече Тодоров.

Тој информира дека со Програмата за работа на овие советувалишта првично се опфатени здравствените работници кои се пушачи. Се почнува со околу 100 здравствени работници, вработени во самите Центри за јавно здравје каде се спроведуваат советувалиштата, а потоа и останатите здравствени работници од сите јавни здравствени установи во Македонија со цел понатаму да можат да придонесат кон одвикнување од пушење кај нивните пациенти.

Секој Центар за јавно здравје, како што рече, изготвува план за работа на советувалиштето, кој ќе биде достапен на веб-страниците на центрите. Овие едукации ќе се одржуваат двапати неделно по два часа. Во Центарот за јавно здравје во Скопје, советувалиштето ќе работи во вторник и четврток од 13 до 15 часот.

Едукативните предавања во овие советувалишта се фокусирани на презентирање на штетните ефекти од пушењето врз здравјето на пушачите, но и штетните влијанија од тутунскиот чад за околината. Во рамки на предавањата е предвидено презентирање и на различните можности за одвикнување од пушењето, посочување на одредени супститути на никотинот (медикаменти, мастики, лепенки за откажување,…), како и укажување на симптомите на апстиненцијалната криза.

Министерот за здравство потенцира дека е предвидена групна едукација на сите лица кои ги посетуваат советувалиштата (околу 10-тина во група), како и индивидуална едукација на лицата кои ќе искажат желба и волја да се откажат од пушењето.

Сепак најважно е овие советувалишта, како што рече, да ги истакнат многубројните здравствени придобивки од откажувањето од пушењето, како намалување на крвниот притисок, подбрување на циркулацијата и функцијата на белите дробови, намалување на кашлањето и отежнатото дишење и на ризикот од срцев удар….

– Со функционирањето на овие советувалишта и со првичното опфаќање на здравствените работници, ќе овозможиме тие прво да се обидат да се откажат од пушењето и да се обучат за да им помагаат на сите нивни пациенти во иднина, во процесот на откажување од пушење. На овој начин, со континуирана едукација и укажување на исклучително штетните последици од пушењето, ќе придонесеме кон целокупно подобрување на јавното здравје и одржување на здрави генерации во нашата земја, рече Тодоров. Додаде дека веќе се изработени информативни табли, со унифициран изглед, кои ќе бидат поставени пред секој Центар за јавно здравје низ Републиката, со цел нивно лесно препознавање.

Република Македонија е една од 168 држави во светот, кои ја имаат ратификувано Повелбата на Светската здравствена организација–Рамковна конвенција за контрола на тутунот во 2006 година. Нашата држава во целост ги имплементира препораките од СЗО и во 2009 година беа воведени предупредувачки слики на сите производи од тутун, согласно Директивата на ЕУ од 2001 година, бр. 37.

Би можело да ве интересира

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски