Струмичани, но и граѓаните од цела Македонија по трет пат ова лето ќе можат да уживаат во богатата понуда на „Струмица опен фестивал“. Годинашното издание на фестивалот е збогатено со нови содржини кои ќе го направат побогат и поквалитетен од претходните две години.
Во единаесетте фестивалски денови, кои се повеќе од лани и ќе траат од 7. до 17. август, ќе се случат 28 настани на десет отворени летни културно-уметнички и забавни сцени а за прв пат, освен во градот, фестивалски содржини ќе има и во населените места Просениково и во Муртино.
Презентирајќи ја фестивалската понуда на вечерашната прес конференција, градоначалникот Зоран Заев, ги покани граѓаните и ова лето да бидат дел од „Струмица опен фестивал“ и им препорача годишниот одмор да го планираат пред или по фестивалот, за да можат да уживаат во него.
-Програмата на фестивалот во првите 8 дена предвидува одржување на ликовна колонија, вечери на поезијата и промоција на книги, театарски претстави и филм, вечер на афоризми, трка на келнери, модерен балет, концерти на класична музика, концерт на лицата со посебни потреби, ревија на народни носии и некои други новитети. Традиционално, последните три дена од ,,Струмица опен фестивал‘‘, денови за кои постои најголем интерес, се резервирани за главната музичка програма.
– Меѓу учесниците би ги издвоил Бајага и иструктори и Кирил Џајковски на 15 август, Бендовите на САРС и Амадеус на 16 август и најголемата балканска ѕвезда Здравко Чолиќ на 17 август. Со задоволство ги поканувам сите граѓани на Струмица и Македонија да бидат дел од ,,Струмица опен фестивал‘‘ и сакам да им укажам на граѓаните, посебно на струмичани, без разлика што планираат одмор или нешто друго, токму тие денови од 7 до 17 август да ги поминат тука во Струмица, затоа што задоволството ќе биде навистина големо. Минатата година бројот на посетители во сите фестивалски денови се движеше меѓу 180 илјади и 200 илјади посетители, оваа година очекувам уште поголема посета и уште поголемо задоволство на граѓаните, рече градоначалникот Заев.
На прес конференцијата беа промовирани официјалниот видео спот на фестивалот и веб страницата www.sof.mk
Во знак на благодарност за поддршката на фестивалот, градоначалникот Заев на менаџерот на хотелот „Сириус“ Наташа Шапковска и подари слика – мозаик од најубавите моменти на фестивалот. Ваква благодарност им е искажана и на останатите хотелиери кои го поддржуваат „Струмица опен фестивал“.
Фестивалот го организира здружението „Културен забавен живот“ со поддршка на општина Струмица.