Само шест административци во Општина Охрид останаа да одат на работа во административната зграда во селото Косел. На 13. јануари, годинава, со наредба од градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески петнаесетина државни службеници од администрацијата на Општина Охрид беа прераспоредени своите работни задачи, наместо во општинската зграда во центарот на Охрид, да ги извршуваат во селото Косел.
Опозицијата во Охрид тогаш обвинуваше за политички реваншизам и пресметка со неистомислениците на градоначалникот Бакрачески и на новата локална власт предводена од ВМРО – ДПМНЕ, додека пак од локалната самоуправа тврдеа дека тоа бил новиот начин на работа и реформа во администрацијата која ќе била поблиску до граѓаните од тој реон. Административците кога пристигнаа во општинската зграда во Косел затекнаа запуштен објект во кој со години не стапнал никој. Условите за работа беа мизерни. Во првата седмица откако беа прераспоредени немаше греење, немаше вода, телефон, компјутери, интернет, додека состојбата со внатрешноста на зградата била катастрофална. Сите петнаесетина службеници беа сместени во една канцеларија.
Како иронија на целата таа ситуација, во Косел беа префрлени Одделението за меѓународна соработка и соработка со збратимени градови за кое не знаеме како би им помогнало на жителите, на пример од селата Косел или Вапила, како и Одделението за управување со цврст отпад.
По неколкумесечни барања за средба со градоначалникот Бакрачески, опозицијата конечно се сретна со него. По средбата со опозицијата, Бакрачески вети дека административците кои работат во Косел ќе ротираат и дека нема да бидат единствените кои ќе го поминат тој дел.
Денеска, после шест месеци, во општинската зграда останаа само шест административци од кои ниту еден не е ротиран уште од почетокот. Во еден временски период, беа сменети пет административци кои заменија нови пет, но истите по краток период беа вратени во зградата на Општина Охрид во центарот на градот. Како што дознаваме, овие шест административци кои и денес одат на работа во Косел, се уште не добиваат работни задачи, немаат никакви работни обврски ниту пак имаат некаква комуникација со населението од тој дел. Тоа покажува-тврдењата дека таа зграда е отворена со цел администрацијата да се доближи до тие жители, паѓаат во вода. Засега не се исполнија ниту ветувањата дека државните службеници ќе ротираат имајќи во предвид дека последните останати административци уште од почетокот се таму.
А1он побара став од Општина Охрид, уште колку административци се останати во зградата во Косел, зошто никој од нив не е ротиран од почетокот до сега, кои се работните задачи кои ги извршуваат таму, дали граѓаните од тој реон се доближија до администрацијата, дали има барања за средби со административците и кој е резултатот од префрлањето на неколкуте административци таму. Но, од локалната самоуправа иако повторно најавија дека ќе дадат изјава, како и многу пати до сега, и овој пат останаа без став. Дали молчењето од локалната самоуправа го потврдува политичкиот реваншизам и пресметката со неистомислениците, останува граѓаните сами да проценат.
Ф.Ј.