По 25 години, напорите на Република македонија и Република Албанија вродија со плод. Денеска промотивно во употреба беше пуштена бродската линија од Охрид до Поградец. Во летниот период жителите и туристите на двете туристички места ќе можат границата да ја поминат со брод. Овој граничен премин, преку Охридското Езеро ќе биде отворен од 15 јуни до 15 септември.
Го означувам како историски ден. Посакувам да биде линија кока ќе донесе на посилна соработка меѓу двете земји и побрза комуникација меѓу граѓаните на двете места и посебно заживување на туризмот – изјави Едмонд Хаџинасто, министер за транспорт на Република Албанија.
Министерот за транспорт и врски на Република Македонија, Миле Јанакиевски истакна дека доколку има интерес ова ќе биде редовна линија и дека истата ќе придонесе за развој на туризмот.
Доколку има интерес ние сме спремни ова да биде и редовна линија. Во меѓувреме направени се сите административни работи неопходни за воспоставување на една ваква линија. Очекувам дека оваа линија ќе овозможи развој на туризмот во двата градови но исто така ова покажува дека Македонија и Албанија имаат добрососедски односи – истакна министерот Јанакиевски.
До 1948 година по езерските води градовите Охрид и Поградец ги поврзувал бродот Корзика. По многу време патниците границата ќе можат да ја поминат по воден пат.
Цената на билетите се уште не е позната, но според проценките на туристичките работници таа би чинела околу 15 евра.
Ф.Ј.