Легендата на германскиот и светскиот фудбал Франц Бекенбауер се премисли и одлучи да соработува со ФИФА во истрагата околу кандидатурата на Катар за Мундијалот 2022.
Адвокатската канцеларија која го застапува Бекенбауер соопшти дека со најновата одлука за соработка веќе нема основ за санкции од ФИФА кон нивниот клиент и побара тие да бидат укинати.
ФИФА на почетокот од месецов покрена истрага поради обвинувањата дека Катар со корупција на некои членови од Извршниот комитет на ФИФА во 2010 година ја доби организацијата на Мундијалот во 2022 година.
Бекенбауер ги отфрли овие оптужби што се однесуваа за него и одби да соработува. Поради тоа ФИФА експресно му изрече забрана за вршење на било какви фудбалски активности во траење од три месеци.