Папата Франциско на 21 септември ќе допатува во посета на Тирана. Веста најпрво ја соопштија од Демохристијанската партија на Албанија, а потврда има и од Светата столица, односно лично од Папата, јави дописникот на МИА од Тирана.
Тој изјавил дека ќе ја посети Албанија по покана на премиерот Еди Рама и претставниците на албанската католичка црква.
– Со задоволство потврдувам дека ја прифатив поканата и почестен сум што ќе одам во Тирана на 21 септемри (недела). Со ова, мое кусо патување, сакам да ја соопштам мојата доверба кон албанската црква и да дадам поттик на земјата, која многу пропатила за време на идеологијата во минатото, изјави папата.
Задоволство од прифатената покана да ја посети Албанија, изрази и премиерот Рама за време на вчерашната посета на Драч. Тој искажал убедување дека потврдата за посетата на папата е среќен знак за добивање кандидатски статус на Албанија на крајот од месецов.
Папата Франциско е втор папа кој ја посетува Албанија. Прв на албанска земја стапна Папата Јован Павле Втори на 25 април 1993 година.