Украина го отфрли предлогот на Москва цената што Киев ја плаќа за рускиот природен гас да се намали за 100 долари, изјави денеска украинскиот премиер Арсениј Јацењук.
Информирајќи го кабинетот за преговорите околу цената на гасот со Москва, Јацењук истакна дека Украина сака измена на договорот меѓу домашната енергетска компанија Нафтогас и рускиот производител Гаспром, додавајќи дека Киев треба да плаќа пазарна цена за рускиот гас.
Москва предложи укинување на извозната царина од 100 долари за 1.000 кубни метри гас, воведени откако Крим беше приклучен кон Русија.
– Русија понуди намалување на цената на гасот од 100 долари. Нашиот став останува ист. Сакаме измена на договорот и пазарна цена на гасот, изјави Јацењук.
Украина сака измена на договорот од 2009 година, според кој земјата е обврзана да купи одредена количин гас без оглед на тоа дали има потреба од тоа, по цена од 485 долари за 1.000 кубни метри, што е најголема цена за гас што некој ја плаќа во Европа.