Димитров: Македонија ќе нема проблеми во снабдувањето со гас

Од:

Македонија во следниот период од пет-шест години не треба, не смее и ќе нема никакви проблеми во однос на снабдувањето со природен гас затоа што она што го имаме денес како транспорт на овој енергенс ќе ги задоволи нашите потреби.

Ова го изјави Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефиканост МАЦЕФ, учесник на денешниот форум за енергија, што се одржува во организација на Американската амбасада во Скопје и тин-тенк организацијата „Аналитика“.

Според Димитров, Македонија има голема резерва со оглед на можноста за 800 милиони кубни метри гас и потрошувачката  од 250 милиони.

– И на сите други потрошувачи во Македонија им треба  време да се приклучат, што значи дека треба  да се направат преносните системи, она што се планира со рускиот кредит, потоа треба да се направи дистрибутивниот систем  во Скопје, што исто така е три-четири-пет години. А за пет години политичката  состојба и во светски рамки може да се измени, рече Димитров.

Со учесниците на форумот за енергија ги анализираат геополитичката и економската рамка на енергетските прашања во Македонија и регионот, на затворени панел дискусии на темите „Деловните и политичките  ризици за енергетската безбедност“, „Европската енергетска политика, Русија и Балканот“, „Диверзификацијата на извори – цевководи и течен природен гас“ и „Регионализацијата, соработката и насоките на Македонија“.

– Нема сомнеж дека енергетската безбедност е важна за секоја земја. САД и цела Европа  имаат огромен потенцијал за работа заедно  во однос на овие прашања  за енергија и енергетска безбедност, рече на отворањето на форумот американскиот амбасадор Пол Волерс.

Во осврт на соработката на САД со Македонија за енергетските прашања ја наведе помошта за развивање Стратегија за ниски емисии за намалување на загадувањето и  емисијата на гасови и го повика американскиот приватен сектор да инвестира  во Македонија и регионот.

– И понатаму ги  охрабрувам енергетските компании од САД да инвестираат  и да тргуваат со Македонија и со регионот. Проширените комерцијални врски  се важни за стопанствата на двете земји, рече Волерс.

Според амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав, во земјите од Западен Балкан основните извори на енергија се ограничени и енергетскиот сектор  е соочен со големи предизвици, како што е намалување на емисиите на  јаглерод  диоксид и ефикасно  користење на енергијата. Други важни прашања се потребата за замена на старите енергетски капацитети, што ќе бара значителни  инвестиции во енергетската инфраструктура, наведе Орав.

Во  извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија од 2013 година се наведува дека постои одреден напредок  во областа на енергетиката, особено во однос на енергетската  ефикасност и регулаторната рамка на пазарот на електрична енергија и природен гас, но, според Орав, се уште има обврски чие исполнување треба да се забрза.

– Одредени подобрувања се случени и сакам да ја поттикнам Владата  да ја забрза примената на обврските што произлегуваат од договорот, особено во однос на третиот енергетски пакет за кој крајниот рок за  спроведување е 1 јануари 2015 година. Владата треба да финализира некои од веќе започнатите ревизии  на законите. Воедно, потребно е надминување  на бариерите на националниот пазар кои спречуваат ефективно отворање на пазарот со електрична енергија. Бараме земјата да обезбеди целосна либерализација до јануари 2015 година, наведе Орав, укажувајќи на обврската на операторите на преносните системи за обезбедување извештаи во однос на енергетските капацитети.

Соња Зибер, претседател на „Аналитика“, порача дека е неопходна постојана дебата меѓу сите засегнати страни за  овозможување енергетска безедност и стабилност без кои не се возможни ниту економскиот развој, ниту просперитетот на земјата.

– Последните случувања со Украина уште еднаш  го покажуваат токму тоа дека секоја  земја мора стратешки и долгорочно да ја планира својата енергетска безбедност. За оваа тема секогаш мора да има отворена  дебата, рече Соња Зибер, претседател на „Аналитика“.

Би можело да ве интересира

Пет понуди на повикот за изградба на интерконекторот со Грција

Фон дер Лајен: Европа има резерви на гас и покрај уцената на Путин

Цените на гасот во Европа на годишниот максимум

Предраг Петровиќ

Украина ќе ја заврти славината, рускиот гас за Европа ќе мора по нови рути

Предраг Петровиќ

Русија ја предупреди ЕУ: Ќе платите повеќе ако Украина не се согласи за транзит на руски гас

Приходите од руската нафта и гас се зголемени за 62 отсто