Израелските пратеници во 120-члениот Кнесетот денеска со тајно гласање ќе избираат нов претседател на Израел, кој ќе го наследи 90-годишниот Шимон Перес.
Официјално претседателската функција во Израел е претежно од формален карактер, но Перес, поранешен премиер и лауреат на Нобеловата награда за мир, ја претвори во должност со меѓународно значење.
Перес се наоѓа на претседателската функција од 2007 година, откако го замени Моше Кацав.
Кампањата за овие избори ќе остане запаметена по тешките клевети. Кандидатите се жалеа дека приватни детективи го нарушувале нивниот приватен живот. Премиерот Бенјамин Нетанјаху повеќепати се обиде да ја блокира кандидатурата на Реувен Ривлин, поранешен претседател на Парламентот и негов ривал во владејачката партија Ликуд.
Според повеќето социолошки анкети, 74-годишниот Ривлин има најголеми шанси да биде избран на преседателската функција и е со најголема поддршка во јавноста.