Ѕвездата на бразилската фудбалска репрезентација Нејмар на еден од последните тренинзи пред почетокот на Мундијалот лесно го повреди десниот скочен зглоб и предизвика грижа кај навивачите на „кариоките“.
Избраниците на селекторот Фелипе Сколари мораа на кратко да го прекинат синоќешниот тренинг по повредата на нивниот соиграч. Членот на Барселона по неколку минути стана и почна да поттрчнува на задоволство на јавноста која имаше можност тренингот на своите миленици да го следи преку директен пренос.
Домаќинот на Мундијалот очекува Нејмар да биде предводник на нивната репрезентација кон освојување на вредниот трофеј.
Според последните информации тој ќе биде целосно подготвен за премиерата на Светското првенство в четврток во Сао Паоло кога ќе играат Бразил и Хрватска.
Поради повреди досега своето учество на овој Мундијал го откажаа неколку големи фудбалски имиња како што се Марко Ројс (Германија), Радамел Фалкао (Колумбија), Франк Рибери (Франција)…