Возачите на „и8“, новиот модел на БМВ, први ќе излезат на патиштата „вооружени“ со ласерски фарови.
На ексклузивната церемонија во Минхен, осмуммината први среќници ги добија клучевите од своите „и8“, а БМВ со тоа стана првиот прозиводител на автомобили што исфрла возило со ласери.
Од БМВ најавија дека тоа ќе го направат во август, но откако „Ауди“ „се закани“ дека специјалната верзија „Р8 ЛМХ“ ќе излезе на патиштата веќе во првите летни денови, нивните ривали побрзаа со ласерската технологија.
БМВ истакнува дека во споредба со ЛЕД фаровите, ласерските ќе трошат 30 отсто помалку енергија и значително подобро ќе го осветлуваат патот.
Ако се користи за долги светла, ласерската технологија овозможува осветлување на патот и до 600 метри пред возилото, што е двапати повеќе во однос на дострелот на ЛЕД долгите светла. Покрај тоа, ласерските фарови нема да ги заслепуваат возачите кои со своите автомобили доаѓаат во пресрет, бидејќи посебен систем што функционира заедно со предната камера, ќе го контролира светлосниот сноп.
Покрај тоа што се енергетски поефикасни и посилни, ласерските фарови се десетина пати помали од стандардните што значи дека бараат значително помал простор за инсталирање.