„Макрпогрес“ го оценува обвинувањето за фалсификат на производи во Србија како тенденциозен акт од страна на српската пазарна инспекција која без основа се става во заштита на пазарот на домашниот производител „Пионир“.
– Чинот на ставање на производите вон промет е скандалозен од причина што производите пред се не се фалсификат. „Макпрогрес“ ниту прави фалсификати, ниту има намера, ниту ќе дозволи во своето портфолио на производи да има изглед со кој би ги повредувал правата за индустриска сопственост на кој било друг производите на било кој пазар на кој работи, стои во соопштението од компанијата.
Според „Макпрогрес“, доколку се направи споредбена анализа на двата производа Медењаци од „Винчини“ и Медено срце од „Пионир“, се добива општ впечаток дека и двата производа, имаат индивидуални карактеристични елементи кои ги прават препознатливи кај потрошувачите на пазарот, односно постојат сосема доволно елементи со кои графичкото решение на амбалажата на призводот на „Винчини“ се разликуваат од она на „Пионир“ Србија.
Според нив, во случајот се прави јавна кампања дека се работи за фалсификувани производи или дека е повредено нечие право, без да се има судска одлука што е прекршување пред се на моралните норми.
– Компанијата „Пионир“ дури се дрзна ваквиот тенденциозен акт на пазарната инспекција го искористи за сопствен маркетинг па пласира информации по весници и интернет портали со што се прави и дополнителна штета на угледот на реномираните македонски кондиторски фабрики присутни повеќе години на пазарот во Србија, соопштуваат од „Макпрогрес“.