ЛГБТИК – луѓето во Македонија биле изложени на физичко и психолошко насилство, говор на омраза, дискриминација и хомофобија изразена преку медиумите, образованието, но и останатите сфери на јавниот живот, покажува годинешниот извештај на Коалицијата за здравствените права на маргинализираните заедници за 2013 – та година.
Во него, како најкритички точки се посочуваат нефункционирањето на постоечките механизми за заштита од насилство на ЛГБТИК – лицата и непрепознавање на насилството врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, како и неказнивоста на говорот на омраза.
Според активистот Славчо Димитров, продолжува негативниот тренд на дискриминација кон ЛГБТИК популацијата, а изминатата година е забележително директното физичко насилство за време на „Неделата на гордоста“.
– Релевантните институции немаат разрешено ниту еден случај за кои помина повеќе од една година. Покрај тоа што институциите не реагираа, со што индиректно ги легитимираа, голем дел од парламентарците во Собранието продолжуваат да изразуваат хомофобија и говор на омраза, притоа одбивајќи да донесат Декларација против говор на омраза. Со предложениот Закон за семејство, кој владејачката партија не успеа да го донесе, таа прилика беше искористена дел од пратениците да ја нарекуваат хомосексуалноста како болест. Медиумите се преплавени со владина пропаганда и го продолжуваат трендот на хомофобични говори, не само на телевизиите, туку тоа се забележува и кај поединечни новинари кои се јасно испромовирани како препознатливи ширители на говор на омраза – изјави Димитров.
За Ирена Цветковиќ од Коалицијата за здравствените права на маргинализираните заедници, во годинешниот извештај на активностите на полициските „алфи“, од вкупно приведени 3.582 лица по разни основи, дури 608 биле приведени за поседување на опојни дроги, иако тоа како што вели Цветковиќ, поседувањето опојна дрога за сопствена употреба не е дефинирано како прекршок, ниту како кривично дело според ниту еден закон на сила. Како што вели Цветковиќ, Коалицијата испратила барање за слободен пристап на информации од јавен карактер до МВР, но од таму до завршувањето на извештајот не добиле повратен одговор.
Отежнат е и изборот на матичен лекар кај лицата кои се лекуваат од зависност од дроги вели Цветковиќ, велејќи дека таква претставка стигна и до Комисијата до заштита од дискриминација.
– Се работи за случај против приватна здравствена установа во Шуто Оризари, каде лекарот го примил пациентот заедно со социјален работник ветувајќи дека ќе му биде матичен лекар. По откривањето на дијагнозата, лекарката одбила да му биде матичен лекар не сакајќи да биде лекар на лице кое е зависно од дроги. Има серија вакви случаи и ова е пракса во нашето здравство. Сепак, овој случај е важен бидејќи е напишана претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, поминат е законскиот рок за одогвор од 90 дена, а Комисијата се уште нема дадено мислење, ниту пипан одговор – изјави Цветковиќ.
Таа додава дека е зголемен активизмот помеѓу самите сексуални работници и работнички, кои минатата година се појавија на плоштадот „Македонија“ одбележувајќи го Интернационалниот ден на сексуалните работници.
Во извештајот во кој се анализира медиумското известување за време на одржаната „Недела на гордоста“, Коалицијата го посочува А1он како единствен медиум кој известувал директно од насилството кое се случи на плоштадот „Македонија“ каде физички беа нападнати неколку момчиња, успевајќи професионално и избалансирано да известува за настанот, со земени изјави од очевидец, од Министерството за внатрешни работи и снимка од напаѓачите како бегаат.
Петар Клинчарски