Во Лондон синоќа со голем музичко-сценски спектакл беа затворени 14-те по ред Параолимписки Игри.
Во шоуто, наречено „Фестивал на огнот“ и посветено на старите британски традиции и фестивали, учествуваа 1.200 учеснци, а музичкиот дел го предводеа британската група „Колдплеј“, пејачката Ријана и раперот Џеј-Зи.
Според протоколот што важи за Олимпијадите и овие Игри, што траеја 11 дена, беа затворени со предавање на знамето на Параолимписките Игри на Рио де Женеиро, што ќе се оддржат по летната Олимпијада во 2016 година, со дефиле на учесниците на лондонските Игри и со гаснење на огнот.
Претседателот на меѓународниот Параолимписки комитет Филип Кравен, прогласувајќи ги Игрите за затворени, изјави дека лондонската Параолимпијада е најголемата во досегашната историја.
На првите игри на инвалидизираните спортисти, што се оддржаа во Рим, во 1960 година, учествуваа 27 земји, додека на Игрите во Лондон се натпреваруваа 4.200 параолимпијци од 165 земји од сите континенти. Тие се бореа за златните медаљи во 21 спортови, при што за најуспешна нација на крајот се избори Кина, со 231 медаљи, од кои 95 златни, пред Русија и тимот на домаќинот на Игрите, Велика Британија.
Игрите во Лондон ќе останат запаметени и по далеку најголемиот број гледачи што присуствувале на овие Игри, со продадени вкупно 2,5 милиони влезници, што е повеќе од двојно, во споредба со Игрите пред четири години и трипати повеке од Параолимпијадата во Атина, во 2004 година, кога беа понудени за продавање само 850.000 влезници.
Синоќешниот завршен спектакл означи крај на Лондон-2012, во чии рамки се одджаа 30-та летна Олимпијадата, 14-те Параолимписки игри, како и културната олимпијада, што почна многу порано, пред двете спортски приредби,но го следеше оддржувањето на големите приредби ова лето.
Претседателот на организиацискиот комитет на девете Игри, лорд Коу им изрази голема благодарност на армијата од 70.000 доброволци, кои со својата ангажираност помогнаа за оддржување на Олимпијадата и Игрите на инвалидизираните спортисти.
На Параолимписките Игри во Лондон учествуваше и Република Македонија, со двајца свои стрелци, учесници на неколку претходни вакви Игри, кои го забележа својот најголем успех, по Игрите во Барцелона, пред 20 години. На оваа Параолимпијада, македонската стрелачка Оливера Наковска Бикова стана параолимписки шампион, освојувајќи златен медал во стрелање со воздушен пиштол од 10 метри, постигнувајки притоа и светски и параолимписки рекорд во квалификациските натпревари.