Претставници на Украина, Русија и Европската комисија ќе се сретнат утре во Брисел за продолжување на преговорите за решавање на спорот со цените на гасот, соопшти денеска ЕК.
Се предвидува тристраната средба, иницирана од ЕК, да почне во 17 часот по Гринич. Планирано е на неа да присуствува европскиот комесар за енергетика Гинтер Јотингер, рускиот министер за енергетика Александар Новак и украинскиот министер за енергетика Јуриј Продан.
Во соопштението на ЕК се наведува дека на средбата, исто така, ќе учествуваат и шефовите на Газпром и Нафтогаз Алексеј Милер и Андриј Коболев, кои имаа двострани консултации во текот на минатата недела.
Русија се заканува да ја запре испораката на гас за Украина, ако Киев не плати за јунските достави до 10 јуни.