„Неколку пати, преку соопштение ја информиравме целата македонска јавност, но секако и сите тие медиуми, за коишто денеска зборувам, коишто се обидуваат за нешто многу едноставно, да направат повторно извитоперена приказна.
Вистината е една. На покана на Филе, јас и мојот заменик бевме на посета на европската канцеларија во Брисел. На таа посета, апсолутно, недвосмислено беше кажано, што се грешките на овој режим и на оваа власт. И тоа е јасно напоменато во соопштението што е лиферувано од европската канцеларија, од кабинетот на еврокомесарот Филе.
Истовремено, недвосмислено, јасно, во истото тоа соопштение е општо познатата теза на целата европска дипломатија, така и повикот на Филе, ние како опозиција да се вратиме во Парламентот.
Истовремено, ние ги кажавме нашите ставови и треба да биде јасно, опозицијата не се враќа во Парламентот! Се додека не бидат постигнати нашите барања и цели. Едноставно кажано, да имаме нормална земја, во којашто владеат демократијата, слободата и правото. Тоа се нашите барања“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Ако досега со сите овие преговори, политички дијалози, дебати сме делегирале право на власта, да биде гарант на спроведување на законите, на слободата, на демократијата, на владеењето на правото, повеќе не смееме да си го дозволиме, да го правиме во иднина како опозиција. Сега бараме, да бидеме рамноправно одговорен партнер, со сите највлијателни политички чинители, во гаранцијата на слободно изразување на волјата на граѓаните. Значи да не дозволуваме повеќе да и веруваме на власта. Секои наредни избори, кога доаѓаат како резултат на делегирана верба на опозицијата кон власта, власта се подрско и побезобразно ги злоупотребува. Опозицијата еднаш се врати во Парламентот, напуштајќи го заради Зоран Заев и неговото притворање. Еднаш се врати кога беше затворањето на А1 телевизија. Трет пат се врати кога со сила бевме, заедно со вас новинарите и пратениците од опозицијата, истерани надвор од Парламентот. Колку пати опозицијата треба да се врати за Груевски да демонстрира наредниот пат, следниот пат, уште поголема дрскост и безобразие?!
Опозицијата е првоодговорна и најповикана да ги корегира работите во Македонија што не чинат. И апсолутно, тоа му беше кажано на еврокомесарот Филе. Легитимен е ставот на европската дипломатија, да бара во рамките на институциите на системот. Неколку пати, во името на добрата иднина на оваа наша земја, СДСМ и опозицијата се имаат враќано. За жал, тоа е злоупотребено од страна на власта и денеска не можеме да зборуваме за европски вредности на нашата држава. Ние државата ја губиме!
Мораме да ја нормализираме, сите заедно, соодветно одговорни во Македонија, ако сакаме да зборуваме за унапредување на квалитетот на живот и достигнување на сите оние европски вредности, што сакаме да ги консумираме и ние како граѓани на Република Македонија“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.