ВМРО-ДПМНЕ смета дека денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ Зоран Заев покажува дека тој и неговите соработници се до гуша во криминал и незаконско работење, кое, како што велат од партијата беше амнестирано од менторот Бранко Црвенковски Црвенковски.
Во денешната реакција на прес-конференцијата на Заев ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека случајот со легализацијата на дивоградбата Глобал, на чие решение за легализација, кaко што посочуваат од партијата, стои потписот на Заев преставува своевидно признание за криминалот во ова афера.
– Да потсетиме, Заев беше приведен и требаше да одговара бидејќи дозволи незаконска градба, дополнително на имот кој не и припаѓал на општината, туку дел на државата и дел на приватни сопственици кои водеа постапка за денационализација. Постапката за легализација значи признавање за незаконитоста на случајот. Второ, она што Заев сака да го прикаже како успех на општината во привлекување на приватни инвеститори во изградба на трговски центар, е всушност уште една од многуте зделки на неговите приватни бизнис партнери напревени на штета на општината. Зад Глобал не стојат добронамерни приватни инвеститори, туку негови бизнис пријатели. Истите тие луѓе добиваат редица други тендери и зделки на општината. Што значи парите излегуваат од џебот на општината и одат во џебот на бизнис пријателите на Заев, се вели во партиската реакција.
Во неа се додава дека документите покажуваат оти со помошта на Заев и преку класична злоупотреба и искористување на законот за легализација на бесправно изграден имот по само едно евро кој бил наменет за најсиромашните, неговите бизнис пријатели, како што истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ, стекнуваат имот вреден десетици милиони евра и корисна површина од над 20 илјади метри квадратни изразена во дуќани и бизнис центри во центарот на Струмица. ВМРО-ДПМНЕ смета дека Глобал е рецепт за тоа како се перат пари и како еден криминал со политичка заштита од менторот Црвенковски се легализира.
Од партијата се уверени дека реакциите на Заев се одраз на неговата нервоза поради тоа што сите лаги му се распрснувале како меур од сапуница, но оти за тоа не се виновни медиумите.
– Иронично е што Заев сака да се прикаже како борец за слободата на медиумите, а тој и неговата партија се првите кои речиси секој ден жигосуваат медиуми со политички квалификации, обвинуваат и критикуваат без аргументи, превземајќи ја улогата на главен цензор во државата. Ако некоја вест која е покрепена со документи не му се бендисува, Заев наместо да ги обвинува медиумите нека се соочи со тоа што го пренесуваат самите медиуми. Веројатно нему и неговата партија најмногу би му одговарало времето кога имаше само една телевизија и два весника, но тоа време одамна помина, се вели во реакцијата осд ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата бараат Зоран Заев да и се извини на јавноста поради, како што велат, лагите кои ги изнесува и да ја превземе одговорноста за криминалот кој го носи на свои плеќи вреден десетици милиони евра.