Околу 500 припадници на косовската полиција ќе бидат ангажирани утре во северниот дел на Косово, каде по првпат ќе бидат одржани парламентарни избори за косовското Собрание.
Регионалниот шеф на Косовската полиција Жељко Бојиќ изјави дека регионалната косовска полиција „Митровица-Север“ изработила оперативен план со кој е предвидено ангажирање на 476 полициски службеници за време на парламентарните избори, пренесува Танјуг.
– Во близина на секое гласачко место ќе бидат ангажирани голем број полициски службеници, кои ќе имаат за цел да се грижат за безбедноста на сите граѓани. Освен тоа ќе биде зголемен и бројот на пешачки и мобилни патроли, нагласи Бојиќ.
За безбедноста на парламентарните избори во Косово, освен косовската полиција ќе бидат ангажирани и ЕУЛЕКС и војниците на КФОР.