По вчерашната одлука на воената управа во Тајланд за целосно укинување на полицискиот час во туристичките комплекси Патаја, Кох Самуи и Пукет, домашните и странските туроператори на денешниот собир во Бангкок побараа полицискиот час, воведен на 22 мај, да биде укинат и во главниот град.
Тие потсетуваат дека Бангкок во последниве 10 години е најпосетениот меѓу светските главни градови и дека тајландската економија од туризмот остварува 17,6 отсто од вкупниот БДП.
Туристичиот сектор во Тајланд се надева дека повеќето држави ќе го повлечат упатството според кое нивните граѓани треба да го избегнуваат Тајланд за одмор и за нови бизнис зделки. Последна, тоа го стори администрацијата на САД, но Амерканците се дури на 11 место според бројот на туристи.
Минатата година во Тајланд престојувале 26,5 милиони странски туристи, а меѓу нив најбројни се Кинезите со 4,7 милиони, Малезијците со 2,9 и Русите со 1,7 милиони посетители.
Покрај хотелиерите и транспортерите, во Тајланд големи приходи од туризмот остваруваат и трговците, бидејќи во државата можат да се купат евтини, а квалитетни, производи од текстилната и електронската индустрија.
На одмор и шопинг во Тајланд доаѓаат дури 950 илјади жители на Сингапур.