Повеќе од 3.000 пензионери од 55 општински здруженија ќе учествуваат денеска на пензионерскиот собир, а за натпреварот „Бабина баница“ се пријавени триесетина пензионерки од Македонска Каменица, Делчево, Пехчево, Берово, Виница, Кочани и од други места.
Здружението на пензионери и општина Македонска Каменица се организатори и домаќини на Пикникот на пензионерите од нашата држава и на натпреварот „Бабиба баница“, што годинава се одржуваат по третпат во Туристичкиот локалитет „Еленец“ кај селото Цера.
– Со средства од европските развојни фондови за прекугранична соработка успеавме да го асфалтираме патот до манастирскиот комплекс „Покров на пресвета Богородица“, да реконструираме две од неколкуте манастирски конаци и да го електрифицираме и уредиме целиот туристичко-рекреативен локалитет „Еленец“. Со тоа се подобрија условите за одржување на оваа средба на пензионерите и воопшто за развојот на туризмот, изјави градоначалникот Дарко Митевски.
Во културно-забавниот дел од програмата ќе настапат повеќе музички состави и фолклорни групи од повеќе општински здруженија на пензионерите.
Од годинава, пикникот на „Еленец“ и натпреварот „Бабина баница“ со учеството на претставници од Здруженијата на пензионери од Србија и од Бугарија добиваат меународен карактер.