Тероризмот можеме да го победиме преку кооперативна безбедност и промоција на заедничките споделени демократски вредности на човековото битие. Таа појава може да биде победена само со ангажирање на сите општествени ресурси, вклучително и функционални политички, економски, правни и социјални системи.
Тоа го истакнал министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, во обраќањето на Форумот „2 Be Secure“, кој се одржува денес и утре во Будва, Црна Гора.
Според соопштението од Министерството за одбрана, министерот Џафери нагласил дека за да можеме да се бориме со предизвикот на тероризмот, кој секогаш е чекор пред нас и постојано еволуира, потребно е да се разбере неговата суштина, причините за појавување и целите кои сака да ги постигне. Дополнително, министерот се осврнал и на фактот дека оваа појава ги надминува границите на националните држави, иако има режими кои на национално ниво даваат поддршка за нејзин развој.
Според Џафери, тероризмот се издига на ниво на глобален феномен и затоа борбата против него е комплексна, сложена. – Сите ние на еден или на друг начин придонесуваме кон борбата против тероризмот, а нашето учество во антитерористичката коалиција предводена од НАТО во рамките на силите ИСАФ во Авганистан, како и во веќе завршената мисија „Слобода за Ирак“ во Ирак, го говори токму тоа, рече министерот Џафери.
Осврнувајќи се на значењето на Алијансата во сузбивање на заканите по безбедноста, во глобални рамки, министерот посочи дека таа претставува „обединувачка сила под чија закрила, здружено на едно место се борат сите прогресивни сили на земјината планета“. Само со силно вложување во безбедноста во нашите држави, но и на регионално ниво и на ниво на Евроатлантската област, проследено со развој на економијата, благосостојбата и демократските вредности, можеме да ги постигнеме нашите цели,смета Џафери.
Како пример за тоа ја посочи и соработката во регионот на Југоисточна Европа, акцентирајќи ја притоа САД – Јадранската Повелба, која резултираше со конкретни проекти и механизми за борба против тероризмот како заедничкото учество во школата за обука на воената полиција во Кабул, Авганистан. Во таа насока, министерот информираше дека во изминатите години, Република Македонија има учествувано во меѓународните мировни операции за над 3.400 војници, а има донесено и одлука за учество во новата мисија во Авганистан, „одлучна поддршка“, согласно потребите на Алијансата и националните капацитети.
Форумот „2БС“ е годишен форум на високо ниво посветен на прашања од глобалната, евроатланската и безбедноста на земјите од Југоисточна Европа. Главна карактеристика на форумот е учеството на мноштво високи претставници на земјите, експерти и високи претставници на академската заедница. Овој форум функционира за да придонесе, не само кон критичкото размислување, туку и да промовира тактичко размислување за реформите и напорите за нивно имплементирање во Југоисточна Европа, изградба и зајакнување на врските помеѓу сите вклучени страни и партнерите со цел постигнување на регион кој е побезбеден и попросперитетен, со капацитет да придонесе кон борбата со глобалните предизвици, соопшти Министерството за одбрана.