Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ денеска беше обвинет за корупција и медиумска манипулација од страна на поранешниот министер за финансии Славко Линиќ, кој беше сменет од функцијата пред неколку недели.
Линиќ на прес-конференција изјави дека Милановиќ стои зад сомнителните зделки во интерес на неговиот брат Крешимир и други членови на семејството.
– Милановиќ ме смени со медиумска манипулација со цела да го заштити своето семејство и пријателите, истакна Линиќ, додавајќи дека откако влегол во конфликт со премиерот, тој се обидел да „искористи некои служби и да го претстави како криминалец“.
Според поранешниот министер, Милановиќ именувал свои пријатели на високи функции во државната администрација и на клучни економски позиции и овозможил поволни кредити за членови на своето семејство.
Линиќ, кој е пратеник, најави дека ќе се обиде да издејствува разгледување на ова прашање во Парламентот.
Милановиќ го смени Линиќ од функцијата на 6 мај со образложение за незаконско отпишување на долгови на државна компанија.