Со видео презентација на досегашните активности меѓу двете збратимени училишта, ООУ ,,Јан Амос Коменски’’ – општина Карпош и ООУ ,,Сабедин Бајрами’’ од село Камењане, Тетовско, заврши овогодинешниот дел од проектот за Меѓуетничка интеграција во образованието. Во рамките на денешната свеченост која се одржа во ООУ ,,Јан Амос Коменски’’, присуствуваше делегација од ученици и наставници од ООУ ,,Сабедин Бајрами’’, советот на родители, претставници на УСАИД и Министерството за образование и наука, како и стручните лица од Одделението за образование и култура од општина Карпош и Бирото за развој.
Координаторите на проектот од двете партнерски училишта, говореа за позитивните ефекти од реализираните заеднички активности кои вродија со трајни пријателства и размена на непроценливи искуства. Досегашната успешна соработка се предвидува да продолжи и до година, со што ќе се продлабочат релациите на соработка на ниво на ученици, наставници и родители. Целта на проектот е преку повеќе тематски културно-едукативни содржини и дружење, да се надминат меѓуетничките бариери кои постојат во нашето општество.
-Ќе констатирам дека нашето училиште е побогато за еден нов пријател. Меѓусебната соработка со наставниот кадар, родителите и учениците од ООУ ,,Сабедин Бајрами’’ не сплоти во нераскинлива врска. Праксата вели дека ја постигнавме целта, со што добивме дополнителен мотив да ги продлабочиме пријателските односи – истакна директорката на ООУ ,,Јан Амос Коменски’’, Емилија Арсовска.
Со истиот ентузијазам говореше и директорот на тетовското основно училиште ,,Сабедин Бајрами’’, господинот Лујдин Исмаили.
-На самиот почеток на проектот, бевме скептични дека е можно да постигнеме ваков успех. Но, по заедничката соработка, работите тргнаа во позитина насока. Денес, со гордост можам да заклучам дека постои обострано задоволство од пријателските релации кои се развија меѓу нас. Во соработка со општина Карпош и општина Боговиње, идната година планираме реализација на заедничка екскурзија за учесниците во нашиот заеднички проект – додаде Исмаили.