Филипините и Индонезија денеска во Манила потпишаа договор со кој го решаваат дводеценискиот спор за територијалната припадност на делот од Јужното Кинеско Море, што се протега меѓу филипинскиот остров Минданао и индонезискиот остров Целебес.
Во присуство на претседателите на двете држави, Бенињо Акино и Сусило Бамбанг Јудихјоно, беше верифициран договор според кој се почитуваат прописите за признавање на ексклузивна економска зона која се протега на 200 наутички милји од брегот на секоја од државите.
Со одредбите на меѓународното поморско право во ексклузивната економска зона државата на која таа и припаѓа добива право за испитување и користење на природните реурси во тоа подрачје.
Двајцата претседатели во изјавите по потпишувањето на договорот ги повикаа другите држави во регионот што имаат територијални спорови, нив да ги решат мирољубиво, без закани или употреба на воена сила.
Овој повик најмногу се однесува на Кина, која смета дека полага право на сувереност на речиси целата површина на големото Јужно Кинеско Море. Со Кина најмногу спорат Филипините и Виетнам, а права на дел од сувереноста бараат и Индонезија, Малезија, Тајланд, Лаос и Брунеи.