По последното 18. коло кое се одигра денеска на спортското игралиште ,,Сокол’’, основците од ООУ ,,Братство’’ ја потврдија својата доминација на фудбалските терени и со конечните 48 бодови на табелата, тие се новите шампиони во училишната фудбалска лига 2013/14, која ја организира Општина Карпош. Во текот на целата сезона тие покажаа најконстантна игра, па токму затоа заслужено се најдоа на првата позиција во лигата.
Второто место го освоија младите фудбалери од ООУ ,,Јан Амос Коменски’’, додека пак, третата позиција ја обезбедија учениците од ООУ ,,Вера Циривири-Трена’’.
Освен по впечатливите потези со топката, овогодинешната училишна фудбалска лига ќе биде запаметена по беспрекорниот фер-плеј, кој континуирано преовладуваше на фудбалските терени и секако, одличната организација на оваа спортска манифестација од страна на Одделението за спорт при Општина Карпош.
Победничките пехари и медали на трите најдобро пласирани екипи им ги врачи претседателот на Комисијата за спорт, при Советот на Општина Карпош, Давор Грче. Воедно, тој им ги додели свечените статуетки на Кирил Петревски од ООУ ,,Вера Циривири-Трена’’ за најдобар голман, на Бесар Фејзулов од ООУ ,,Братство’’ за најталентиран играч, додека, Дарко Чурлинов од ООУ ,,Јан Амос Коменски’’ се покажа како неприкосновен во двете категории, најдобар стрелец и најдобар играч.
За тројцата млади фудбалски надежи, Општина Карпош обезбеди едногодишна спортска стипендија и наградна училишна екскурзија.