Занаетчиската комора на Скопје денеска традиционално ги почна „Деновите на занаетчиството“ на кои ќе се обиде да ги доближи занаетите до младите луѓе и да ја поттикне свеста за занаетите како фактор за економски развој и зачувување на традицијата и културата.
На тезгите изложени пред просториите на Занаетчиската комора Скопје посетителите ќе имаат можност во следните три дена да погледнат како се изработуваат одредени ракотворби, да споделат искуства и да купат рачно изработени предмети.
– Манифестацијата ја правиме во соработка со средните стручни училишта на територијата на Град Скопје со цел учениците да ги насочиме во развој на занаетчиството и на тој начин да можат да обезбедат егзистенција. Нашата примарна цел е учениците кои се обучуваат кај нашите мајстори во иднина да најдат полесно вработување, изјави претседателот на Занаетчиската комора, Никола Петров.
Според него, младите треба да се насочуваат кон занаетчиството затоа што има занаети кои изумираат, а се барани на пазарот.
– Има недостиг на многу струки. Има занаети како пластичари или часовничари кои полека изумираат. Апелирам младите да посветат повеќе внимание за своето образование во занаетчиството, истакна Петров.
Деновите на занаетчиството е традиционална манифестација што ја организира Занаетчиската комора Скопје. Покровител е Градот Скопје.