Успешна мисија на спасувачите од Карпош

Од:

Спасувачката екипа на Општина Карпош, која пред пет дена замина како интервентна помош за поплавените подрачја во Србија, поточно во Обреновац, денеска се врати во Карпош.

Петнаесетте членови-спасувачи деновиве интензивно работеа на поддршка на спасувачките тимови од Србија и самите придонесоа за евакуација на жителите од поплавениот Обреновац. Веќе по првите знаци за повлекување на водата, тие се вратија во Карпош.

Впечатоците на спасувачката екипа од петдневниот престој во Србија ги пренесе раководителот на Единицата за спасување, Раде Мицковски, кој мисијата ја оцени како успешна.

– Нашата единица веднаш по стигнувањето во Обреновац, каде нивото на водата беше сè уште многу високо, се вклучи во активностите за евакуација на населението. Екипата од Општина Карпош, заедно со единиците од македонската армија, беше поддршка на Армијата на Република Србија во спасувачките активности. Со чамците помогнавме да се извлечат повеќе луѓе и семејства, од кои дел и по неколку денови биле заробени во своите домови. Се разбира, сите ни изразија бескрајна благодарност и нам лично, но и на Општина Карпош и на Република Македонија – рече Мицковски во својата изјава за медиумите и додаде дека мисијата може да се оцени како успешна и дека Единицата на Општина Карпош и понатаму стои на располагање вакви и слични непогоди.

Екипата беше пречекана лично од градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, кој на момците им посака топло добредојде и им честита за успешно реализираната мисија.

– Од актуелната непогода во Србија и во Босна и Херцеговина треба да извлечеме поука сите ние, зашто катастрофите се можни секаде и не смеат да се потценуваат. Општина Карпош е единствена општина во земјава која има Единица за спасување при поплави и пожари со соодветна опрема, а идејата на законодавецот е сите 80 општини да имаат ваква единица и опрема. Соочувањето со вакви катастрофални непогоди би било далеку полесно доколку сите тие имаат вакви единици. Општина Карпош, покрај тоа, собира хуманитарна помош за нашите братски општини во Србија и Босна и Херцеговина, а јас се надевам дека до петок тоа ќе биде завршено и нашиот конвој ќе тргне кон загрозените подрачја. За нас е најважно што нашите колеги се враќаат живи и здрави, нивната помош за населението од поплавените подрачја сигурно била добредојдена. Оштетено е нашето возило, но возилата се поправаат, а животите не се враќаат. Ова нека биде поттик за сите општини да обезбедат ваква опрема и вакви екипи – рече општинскиот татко Јакимовски при пречекот на членовите на екипата за спасување.

Меѓутоа, помошта од Карпош за поплавените од Србија и од Босна и Херцеговина со тоа не завршува и не стивнува. Општина Карпош, во меѓувреме, со Одлука на Советот, утврди дека сите трошоци кои произлегоа од мисијата на спасувачката екипа од Карпош ќе бидат покриени со средства од буџетот на локалната самоуправа и на тој начин уште еднаш ја потврди својата хуманост. Покрај тоа, граѓаните на Карпош имаат можност својата солидарност, организирано, да ја реализираат преку месните и урбаните заедници на Општината, како и преку штандовите на Општина Карпош пред поголемите супермаркети и во ТЦ „Скопје сити мол“, каде што можат да ги остават производите наменети за хуманитарна помош за населението од Србија и од Босна и Херцеговина.

Би можело да ве интересира

​Ѓорѓиевски: Градoначалниците на Карпош и Струмица ги каниме во понеделник на состанок во ЗЕЛС

(ВИДЕО) Интервју со Јакимовски: Ако до 2030 година не влеземе во ЕУ мора да најдеме алтернатива, ова стана поигрување со нацијата

Александар Тодески

Општина Карпош пред Уставен суд ќе го оспорува ДУП-от кој го донесе Општина Ѓорче Петров

Општина Карпош: Донесовме инвестиција од 50 милиони евра и ќе продолжиме да работиме во интерес на граѓаните

Горан Наумовски

(ВИДЕО) „Преку Стевчо ни е, лудилото мора да сопре“: Протест против изградбата на 17-катница кај Воена болница

A1on

(ВИДЕО) Јакимовски: Со изгласан буџет, Општина Карпош ќе продолжи непречено да функционира