Библиски потоп, тоа е хиперболата која ја искористи Александар Вучиќ, премиер на Србија. Додека водата во Обреновац се повлекува и остава пустош, многу граѓани гневно ја обвинуваат надлежната бавна реакција.
Во информативните емисии прогнозата за времето по правило оди на крај. Кога оди на почеток, тоа значи дека нешто не во ред. Минатиот вторник (13.5) беше последен ден кога прогнозата за времето одеше на крајот на Дневникот на РТС. Веќе тогаш на гледачите, а посебно на надлежните, мораше да им биде јасно што се подготвува. – На европскиот метео-аларм поголемиот дел на Србија – Срем, Поморавје, западот и југозападот на земјата, беа одбележани со црвена боја што претставува највисок степен на предупредување, овој пад на обилни врнежи. Од средата до петокот во Србија ќе падне толку многу дожд колку што обично паѓа за два месеца, 120 литри по квадратен метар, рече водителката. Иако прогнозата беше приближно точна беше доволно апокалиптична врнежите да се сфатат посериозно од што беа сфатени.
– Три дена пред катастрофата луѓето беа повикани да се евакуираат и тоа го одбиваа, тоа е српска недоверба во власта – рече Предраг Мариќ, началник на секторот за вонредни состојби: – Луѓето чекаа водата да им дојде до носот, а потоа излегуваа на балконите и бараа помош. Тоа предизвика трагедија. На крај полицијата мораше на сила да ги вади луѓето – тврдеше Мариќ во емисијата Кажипрст на Б92. Премиерот Александар Вучиќ беше уште поостар, вели дека таква неодговорност на возрасни луѓе одамна не видел. Дали навистина се работеше за неодговорни граѓани кои одбиваат евакуација или за дилетантска реакција на надлежните кои тие граѓани не ги известиле на време што се подготвува?
Воопшто не знаеа што прават
Александра Вуковиќ воопшто не делува како неодговорна граѓанка. Таа девојка со мајка и во стан во самиот центар на Обреновац, чекала на повик и упатства за евакуација. Во четвртокот навечер следела како стигнуваат дезинформации и гласини. На локалната телевизија слушнала дека центарот на градот не е загрозен. На Фејсбук прочитала една преписка во која учествувал и Воин Несторовиќ, директор за корпоративни работи во ТЕНТ. Несторовиќ во четвртокот доцна навечер напишал: – Еве сега се вратив од терен. Колубара го проби насипот и оди кон Стублините и кон Обреновац. На Вашариште ќе дојде за пет часа…
Предложив да се вклучат сирените, но Чучко мисли дека тоа би предизвикало паника! Чучко е Мирослав Чучковиќ, претседател на општина Обреновац. Тој инсистира информациите да се проследуваат само по пат на локалната телевизија која граѓаните во ноќта од четвртокот кон петокот повеќе не можат да ја гледаат – исклучена е струјата.
– Во петокот околу пет часот наутро ме разбуди трубење на автомобил и бучава на улицата – вели Александра за Дојче веле. – Тогаш се уште можевме пешки да излеземе од зградата, но не знаевме каде да одиме. Ги спакував моите и работите на мајка ми, соседите буквално ми се смееја поради тоа. Додека на улиците се уште можеше да се оди и вози, Александра од спасувачките акции виде само воени камиони кои евакуираа деца. Ги возеа во едно основно училиште кое неколку часа подоцна го проголта вода. Тогаш децата беа префрлени во друго училиште. – Тие всушност не знаеја што прават – вели Александра. Еден човек од Обреновац ни рече дека многу негови сограѓани во петокот околу девет часот ги носеа децата во градинка – ни родителите ни воспитувачките не знаеја колку работата е сериозна бидејќи никој надлежен тоа не им го соопшти.
Марија Периќ (вистинското име е познато на редакцијата) ни самате не беше известена за размерите на поплавата, иако во Општина Обреновац е задолжена за комуникација. – Граѓаните, па ни јас, не бевме известени за сериозноста на состојбата, како ни дека е потребна евакуација, освен повикот на жителите на населбата Шљивица да се евакуираат. Таа населба беше прва погодена и претрпе најголема штета – вели Марија за Дојче веле. – Добив задолжување да ги примам пријавите каде се наоѓаат загрозените кои треба да се евакуираат. Не сфатив колку состојбата е сериозна додека не почнаа да доаѓаат вознемирени луѓе, опишуваа дека нивото на водата дошло до нивните спратови на куќите и дека луѓето се заробени на поткровјата и крововите – додаде таа.
Неорганизираноста која вледееше три дена откако метеоролозите практично најавија поплави, ја илустрира и повикот до Обреновчани да не ги напуштаат своите домови кој дојде лично од градоначалникот на Белград Синиша Малог. Таа вест на официјалниот портал beograd.rs се појави во петокот, а во меѓувреме беше отстранета.
Почнуваш да мислиш само на себе
Кога водата веќе го поплави приземјето, на Александра Вуковиќ, нејзината мајка и на други луѓе им остана само да чекаат чамци. – Поминуваа спорадично и воени чамци, моравме да ги довикуваме. Прашуваа каде има бебиња и мали деца, но повеќе не се враќаа. Страшно е што дојде момент кога мислиш само на себе. Можеби тоа не е човечки, а можеби е сосема природно – вели Александра. Таа на крајот помина добро, во саботата довикувала еден чамец кој ја собрал и неа и нејзината мајка. – Во чамецот беше командирот на Полицијата Миленко Божовиќ. Не праша зошто се уште сме тука. Му објаснивме дека никој не дојде по нас, дека немавме точни информации – додава Александра. Можела да се опушти дури откако со автобус била префрлена во Железник, во халата на ФМП каде дознала дека и другите од семејството се на безбедно. Во голема мера сами на себе се препуштени и граѓаните во цела Србија, солидарни во обид да помогнат на загрозените региони.
Социјалните мрежи се вжештија, граѓаните собираат потребни работи, некои други нудат камиони, некои подигнуваат брани… – Ова што до сега го гледаме најмногу личи на разни форми на граѓанско самоорганизирање – пишува Дејан Илиќ на Пешчаник. – Ако не може да биде подобро, тоа е одлично. Меѓутоа, тогаш што ќе ни е државата и нејзината администрација во Секторот за вонредни состојби се околу 4.000? Да ги враќаат авионите со спасувачките екипи?
Да не плашат со Библијата и милениумски катастрофи? Да ни објаснуваат дека ние сепак подобро сме организирани од другите иако нашата несреќа е 10 пати поголема? Не гледам зошто од нив да не бараме повеќе од тоа.
Александра е гневна бидејќи знае дека и денес илјадници Обреновчани чекаат помош, дека немаат храна и вода. Гневна е дека верува дека Обреновац е жртвуван, ако водата беше пуштена како бран низ Сава, немаше да стигне до Белград. Гневна, бидејќи партиските луѓе на високи места, се луѓе кои не се стручни. Го нема Додол, облаците никој не ги контролира, но Александра се прашува дали мораше да биде вака. – Луѓето кои не евакуираа се професионалци. Беа прекрасни, се направија без паника. Само се прашувам, зошто работата беше препуштена толку доцна на професионалците…
Сметката од природната непогода и неспособноста на државата се испорачува овие денови; водата во Обреновац полека се повлекува. Официјално има 13 мртви. Александра слушнала, се зборува, дека на крај ќе има стотици жртви, можеби илјадници. Би било добро и тоа да биде само шпекулација.
Дојче веле – Бон