Цивил ги повикува институциите на системот и сите политички субјекти да преземат итни чекори да ги спречат растечките етнички тензии по вчерашното убиство во населба Ѓорче Петров.
Правото на протест не претставува и право на уривање и насилство. Убиството кое се случи вчера попладне во оваа етнички мешана населба говори за трагичниот социјален и морален пад на општеството, каде еден живот може да чини колку еден велосипед.
Оваа трагедија уште еднаш покажа дека култот кон оружјето е толку распространет што дури и во ситна кражба се оди вооружен и нема колебање за негова употреба.
Длабоките поделби по етничка, верска и политичка линија беа алатка за крајно проблематичен и етнички мотивиран изборен процес. Таквата политичка состојба ги продлабочува поделбите и го охрабрува насилството.
Односот кон младите е крајно неодговорен и нивното запоставување трае долги години, освен кога треба да бидат инструментализирани во политички цели. Оттаму, жестоката реакција и дивеењето по улиците на Ѓ. Петров не е ништо друго туку последица на дологодишните погрешни политики и практики во оваа земја, силно помогнати од медиумските мегафони на власта, кои сеат омраза меѓу граѓан(к)ите на оваа земја. Затоа, повикуваме на совесно и одговорно справување со тензиите и започнување широка акција на национално ниво.
Институциите мора да профункционираат и да работат на надминување на политичката криза и враќање на довербата меѓу етничките заедници, како и меѓу граѓан(к)ите и институциите на системот, наспроти уличната правда и манипулацијата со младите. Медиумите мора да престанат со говорот на омраза и потпалување на етнички тензии. Мора да се сфати дека култот кон оружјето и насилството нема да се надмине со спонзорирање на национализам и верски фанатизам.
Тоа може да се направи само преку промовирање високи цивилизациски вредности и почитување на човековите права и слободи подеднакво за сите граѓан(к)и на оваа земја. Почитување на човековите права и слободи, решителна акција против национализамот и екстремизмот, деполитизација и деетнизација на општеството, се единствениот спас за оваа земја.