Одбележан денот на пожарникарството 2014

Од:

Градот Скопје на 20 мај традиционално го одбележа Денот на пожарникарството, во противпожарната станица во Автокоманда. Прославата почна со свечено постројување на скопските пожарникари, а командантот на  Противпожарната бригада на Град Скопје, Благоја Менковски, на градоначалникот Коце Трајановски и на претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева им поднесе рапорт. Во рамките на одбележувањето се одржа и тактичко показна вежба-спасување на лице при сообраќајна незгода, како и презентација на опремата што ја поседува противпожарната бригада.

–   Изминативе години Градот Скопје работеше на модернизација на опремата на противпожарната бригада, како и вработување на нови млади пожарникари.Имено, во 2012 година и кадровски беше зајакната, со што беа вработени 25 нови пожарникари, кои претходно беа обучени и поминаа процес на претквалификација во средното градско училиште Марија Кири Склодовска кои со успех ја совладаа предвидената програма и добија сертификати.

Изминативе пет години Градот Скопје вложи многу ресурси и енергија за опремување и модернизација на противпожарната бригада на Град Скопје, каде како најважни инвестиции може да се издвојат:

Во 2010 година набавени се два спасувачки чамци со мотор, термокамера, две теренски возила, заштитни противпожарни капи и ракавици според европските стандарди и летни униформи за што Градот вложи околу 20 милиони денари;

Во текот на 2010 година реновиран е дел од санитарните јазли во станицата во Автокоманда, реновиран е дел од противпожарниот потцентар „Тафталиџе“, набавена е канцелариска опрема, мебел и постелнина за подобрување на условите во сместувачките капацитети, како и информатичка опрема за потребите на Бригадата;

Противпожарната бригада на градот Скопје доби донација од користена противпожарна опрема од збратимениот град Нирнберг, СР Германија. Станува збор за 120 апарати за дишење( Дрегер PA 80 )на нормален притисок, 100 маски за дишење (тип AUER3S), 30 апарати за дишење (Дрегер PA 94),  450 челични шишиња за притисок од 300 бари, 80 композитни шишиња од 6,9 литри на 300 бари, 4 колички за транспорт на истите, 1 сет за преиспитување на квалитетот на воздухот, 300 апарати за предупредување дека постои опасност од смрт и резервни делови за дишните апарати со специјален алат и книга со упатство.

Износот на донацијата од градот Нирнберг е во висина од околу 300.000 еврa;

Во 2011 година набавени за Бригадата, се три нови противпожарни возила за гаснење пожари во урбана средина. Едното противпожарно возило е набавено од Градот Скопје, а две противпожарни возила се донација од Владата на Република Македонија. Сакам да изразам голема благодарност до Владата за помошта која ни ја дава за бригадата. Градот Скопје за набавка на противпожарното возило од буџетот издвои околу 13,600 000 денари.

Со инвестиција од 1.200.000,00 денари набавен е и заменет стариот дотраен репетитор за нормално функционирање на радиоврските кои се неопходни во секојдневното работење на единицата и после долго време направено е сервисирање на хидрауличната платформа која е доведена во исправна состојба со што се остварени предуслови за успешно интервенирање на Бригадата за против пожарна заштита на Град Скопје во случаи кои има потреба од интервенции на височина.

Во 2012 година се набавени:

Едно теренско командно возило од марката “Dacia dаster” за чија набавка беа издвоени 1 милион денари, кое е ставено во употреба;

За пожарникарите се набавени професионални заштитни чевли за што се одвоени околу 700.000 денари;

Набавени се 250 заштитни шлемови, 250 батериски светилки,  во вредност од 4,5 милиони денари  и две пумпи за вода со капацитет на испумпување на вода од 1500 литри  вода за една минута, за што беа издвоени 1,3 милиони денари;

Вака опремена  Бригадата за Противпожарна заштита, во 2013 година интервенирала на вкупно 1079 интервенции од кои 529 на отворен простор , 79 интервенции nа опожарени возила, 90 технички интервенции како и 452 интервенции на опожарени објекти. Односно за последните 5 години на 6370 пожари, што благодарение на свесноста кај граѓаните е намалена во споредба со претходните години – рече градоначалникот Коце Трајановски.

Градоначалникот Трајановски истакна дека поддршката и кадровското засилување  на противпожарната бригада со ист интензитет ќе продолжи и во наредниот период.

Мобилноста и солидарноста а пред се хуманата реакција на Противпожарната бригада на Град Скопје беше и јавно презентирана на 17.05.2014, кога беше испратена екипа во Република Србија да помогне во совладување на водената стихија, додека пак подготвена е и екипа на Бригадата која деновиве ќе биде испратена  за Босна и Херцеговина.

Покрај Трајановски, на одбележувањето на Денот на пожарникарството во станицата во Автокоманда, присуствуваше и амбасадорот на САД во Република Македонија, н.е. Пол Волерс.

Би можело да ве интересира

Пламнал пожар во празен автобус на ЈСП

Старец изгоре во пожар во селото Стримница

Катерина Ѓуровски

Изгоре куќа во Куманово, нема повредени

Пронајдени се две тела во запалена куќа во скопското село Морани

Горан Наумовски

Активен е пожарот на планината Беласица меѓу селата Смоларе и Мокрино

Пожар во скопската населба Бутел 1, се запали кровна конструкција на барака