Командата на тајландската армија порача денеска дека воената управа и употребата на военото законодавство ќе останат во сила се додека не се воспостави мирот и не се обнови правниот поредок во земјата.
Генерал Прајут Чанока, кој ја потпиша одлуката за воспоставување воена управа, се сретна со министрите во Владата и им ги објасни целите на интервенцијата на армијата, која се објаснува како неопходна за безбедноста на државата, но се инсистира дека таа не претставува воен удар.
Војската од утринава се вселува во главните владини објекти во Бангок, не наидувајќи на никаков отпор од антивладините демонстрнти кои со месеци ги држат „под окупација“ сите приодни патишта кон нив, во настојување да се собори легално избраната Влада на сега сменетата премиерка Јинглук Шинаватра.
Воената команда воведе цензура и ја презедоа контролата врз сите телевизиски и радио станици, како и го прекинаа емитувањето на десет сателитски тв станици кои беа под силно влијание на едната или на другата страна на тајландската политичка сцена, што го објасни со безбедносните потреби.
Војниците забранија одржување на било какви демонстрации и политички протести и почнаа со расчистување на сите блокади на улиците на тајландскиот главен град, како и на сите поставени бариери по околните патишта,што шесет месеци предизвикуваа хаос во сообраќајот во многумилионскиот Бангкок.
Во посебно соопштение, генерал Чанока ги повика двете главни политички блока во Тајланд, кои стојат зад антивладините и провладините протести, да воспостават дијалог и да ја разрешат кризата.
Организаторите на антивладините протести ја поздравија инервенцијата на војската во политиката, посакувајќи тоа да биде вистински пуч, затоа што на тој начин ќе се тргне од власта Владата против која тие демонстрираа, шест месеци.
Провладините демонстранти кои денеска требаше да маршираат низ улиците на главниот град, познати како „Црвени кошули“ соопштија дека засега ќе ги почитуваат наредбите на армиските сили,но дека нема да останат мирни доколку воената управа се претвори во воен удар и војската ја замени Владата.
Тие претходно се заканија со граѓанска војна во Тајланд доколку власта од избраната Влада, на изборите во 2011 година, биде тргната, а како премиер биде поставен неизбран политичар.
Ваквата реакција уследи откако Врховниот суд ја тргна од функцијата Јинглук Шинаватра, под обвнинување за злоупотреба на функцијата, а потоа таа беше обвинета и за корупција, со субвенциите за фармерите.
Во главниот град и во Тајланд, засега е мирно, но видливо е засиленото присуство на армиските сили на улиците од Бангкок.
Во првите реакции, жителите се задоволни од воената интервенција, забележувајќи дека воената управа требало порано да се воспостави за да се врати редот .