Росица Костова беше најдобрата македонска натпреварувачка на полумаратонската трка на неодамна завршениот Скопски маратон. Таа го освои првото место во конкуренција на македонски натпреварувачи и второ место во севкупен пласман со време од 1 час 31 минута и 18 секунди, кое е за две минути и десет секунди подобар од резултатот на Љубљанскиот маратон.
Кои други ваши успеси во атлетските натпреварувања би ги издвоиле и кои се вашите планови во идниот период?
– Како член на атлетскиот клуб „Делта“ се стекнав со право за учество на куп натпревари во Македонија, планински и улични (крос натпреварувања) како и право за учество на меѓународни натпреварувања. Освен годинашниот успех на Скопскиот маратон, би ги издвоила и победите на Скопски маратон 2012 и 2013 година на рекреативна трка на 5000 метри, освојувањето на први места за 2012/2013 година на многу улични и крос натпреварувања, како и на планинскиот натпревар „Прв до врв“. Од оваа година според програмските активности на клубот „Делта“ приоритет се става на учество на натпреварите во полумаратон, на домашно и меѓународно натпреварување. Во наредниот период предвидени се повеќе натпреварувања на домашен и меѓународен план.
Следните мои предизвици се трките од Купот на Македонија на 1500 и 3000 метри; планинското првенство „Сите до врв“; Европското првенство на 10000 метри, што ќе се одржи на арената „Филип Втори“ во Скопје и натпревари во склоп на државно првенство на Македонија за атлетски клубови. Главната моја цел е учество на меѓународни полумаратонски натпревари и подобрување на мојот личен рекорд, како и рекордот на Македонија, кој изнесува 1:27:50.
Освен со атлетика се занимавате и со дуатлон (трчање-возење велосипед-трчање) и триатлон (пливање-возење велосипед-трчање).
– Од пред две години член сум на триатлон клуб „Софка“ и од тогаш учествував во триатлон и дуатлон натпреварувањата. За 2013 година сум државен првак. За оваа година планирам да учествувам на две триатлон натпреварувања во склопот на државно првенство на Македонија, кои ќе се одржат на почетокот на јуни во Дојран и во август во Струга.
На двата дуатлон натпревари годинава, во април во Скопје и овој месец во Радовиш, го освоив првото место, а до крајот на годината ќе има уште два дуатлон натпревари што ќе се одржат во октомври и ноември во Скопје.
Во склопот на триатлон натпреварувања можно е и мое учество на меѓународен план, а најблискуи е триатлон натпреварувањето на Ада во Србија што е предвиден за крајот на месецов.
Не изостануваат ниту успесите во велосипедизмот кој во Македонија е во подем и од професионален и од рекреативен аспект.
– Бев државен првак на Македонија за 2013 година, за друмско натпреварување, а второ место во генерален пласман за Куп на Македонија. Настапувам за мојот клуб „Мадал бал“. За оваа година планирам да учествувам и во велосипедски натпревари во склопот на куп натпревари на Македонија и државното првенство, а според програмата на почетокот на јуни е натпреварот во хронометар, што ќе се одржи во Неготино.
Кој е рецептот за сето ова да се постигне, колку работа и време е потребно?
Водењето здрав и спортски живот, со шест тренинга во неделно атлетика (трчање), три-четири тренинга пливање, три тренинга неделоно возење велосипед и секојдневно стречинг вежби за истегнување, комбинирано со четири тренинга за стомачна мускулатура и теретана се моите активности кои ми овозможија да дојдам до овие резултати.
Како професор по спорт и спортски активности во средното училиште „Никола Карев“, какво е вашето гледиште за развојот на спортот меѓу учениците?
– Очигледно е дека се работи во насока на популаризација на спортот меѓу најмладите. Голем удел во тоа имаат Агенцијата за млади и спорт, Градот Скопје, како и спортските федерации. Посебно би ги издвоила возбнувањето училишните игри кои добиваат на се поголема масовност, а квантитетот е предуслов за создавање на квалитетни спортисти кои во иднина ќе ги бранат боите на македонската држава. Тука би го спомнала и проектот „Спортска академија“ кој е многу актуелен меѓу учениците, а со формирањето на дисперзирани паралелки во седум градови, се овозможува негова популаризација низ целата држава.
Миа