Општина Штип организира хуманитарна акција за граѓаните на Србија и Босна и Херцеговина, кои деновиве се погодени од поплави.
Портпаролот на Општина Штип, Драган Ристов вели дека општината утре од седум часот ќе го отвори пунктот за собирање на храна, облека, ќебиња, лекови и други добра кои им се потребни на граѓаните во поплавените делови на Србија и Босна и Херцеговина.
Пунктот ќе биде сместен во зградата на општина Штип, во Салата на Сојузот на борците.
– Ние како град многу добро знаеме колку штета можат да донесат поплавите, се уште го паметиме излевањето на реката Брегалница во февруари 2013 година, кога 30 куќи во штипско Ново село беа поплавени, а граѓаните трпеа големи штети. Затоа и очекуваме штипјани како и минатата година да ја покажат својата хуманост, вели Ристов.
Тој додава дека општинската администрација веќе се организира за акцијата, со цел храната, облеката, лековите, ќебињата во текот на наредните денови да пристигнат до граѓаните во поплавените подрачја на Србија и Босна и Херцеговина.