Заменикот началник на Секторот за вонредни ситуации Ѓорѓе Бабиќ изјави денеска дека во Србија ситуацијата е под контрола, но во попладневните часови се очекува максимумот на поплавниот бран да се премести кон Белград и Обреновац.
– Се уште немаме анализи како тоа ќе изгледа, изјави Бабиќ за Танјуг. Според него, ТЕ Никола Тесла во Обреновац засега не е загрозена, додека ТЕ во Костолац каде се прават високи насипи е безбедна.
Во Белград во тек се засилување насипи на Сава.
– Во Сремска Митровица и Шабац состојбата е стабилна колку што може да се каже, и постојано таму има тимови во дежурства, додаде тој.
Според најновите информации од терен, епидемиолошката ситуација во Србија е под контрола, изјави за Танјуг Бојана Гргиќ од Институтот за јавно здравје.
– Во вонредни околности како што се поплави и преместување голем број луѓе во колективни прифатни центри, ризикот од појава на зголемен број луѓе со заразни болести е присутен поради што континуирано се спроведува засилен надзор, изјави Гргиќ.
По налог на министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, во Обреновац денеска е формиран Оперативен штаб кој ќе ги спроведува сите мерки за нормализација на животот во градот.
Во овој момент не е можно да се процени колку време ќе помине пред евакуираните да се вратат во своите домови. Стефановиќ за Танјуг изјави дека нивото на водата во Обреновац е во опаѓање, но постојат делови кои се и понатаму под вода така што градот се уште не е безбеден за враќање на жителите. Евакуацијата од тој град продолжува.