Две презентерки на јавната телевизија на Словачка (СТВ), се извинија пред гледачите, едната за расистичка изјава, а другата за несоодветно одбрана облека при пренос на хокејски натпревар, јави дописникот на МИА од Прага.
Новинарката на спортската редакција Кристина Кормутхова е повлечена од телевизискиот екран и и се заканува и отказ затоа што на социјалната мрежа Фејсбук ги навредила Ромите.
„Некаков недоносен смрдлив Циган од дома ќе ви украде четири метри долга одводна цевка. Зошто ние како ловци да не пукаме на нив како штетници?” Ова е статусот кој презентерката и новинарка го напишала на Фејсбук и иако го избришала веднаш, предизвика бурна реакција од граѓаните.
Веднаш потоа беше повлечена од телевизискиот екран и според извори од раководството на СТВ не е исклучено да добие и отказ.
– Јас искрено се извинувам за ова избрзано мислење, кое никна во афект и не одговара со моите лични убедувања, изјави 28-годишната Кормутхова.
Уште една спортска презентерка на државната телевизија, Јармила Лајчакова- Харгашова (47) исто така ја вознемири словачката публика изминатите денови кога пред натпреварот на Словаците со Норвежаните на Светското првенство во хокеј се појави на екранот во фустан која силно потсетуваше на знамето на САД.
Фустанот имаше еден бел ракав, средината беше бела со црвени пруги, а другиот ракав со сини точки на бела позадина. Тоа ги разбуди националните чувства на Словаците кои започнаа по социјалните мрежи да реагираат со прашања за која земја навива новинарката, за САД или Словачка?
Телевизијата ја призна грешката и преку портпаролот се извини за немилиот настан. Ситуацијата дополнително го компликува фактот, што новинарката е сопруга на словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, кој се обиде да објасни дека фустанот бил во трите бои (бела, сина и црвена) на знамето на Словачка.