Во францускиот главен град денеска ќе се одржи мини средба на врвот на африкански држави кои сакаат да и помогнат на Нигерија да изработи стратегија за борба со исламистите од Боко Харам.
Се очекува присуство на претседателите на Нигерија, Камерун, Нигер, Чад и Бенин како и претставници на САД, Велика Британија и Европската унија. Очекувањата се дискусиите да завршат со изработка на регионална стратегија против Боко Харам.
Домаќин на средбата е францускиот претседател Франсоа Оланд.
Според западни медиуми, не е во план воена интервенција на Западот во Нигерија.
На 14 април Боко Харам киднапира 276 нигериски ученички и се закани дека насилно ќе ги омажи или продаде како робови. Организацијата чие име на локалниот јазик значи „Западното образование е грев“ сака создавање исламистичка држава во северниот дел од Нигерија. Од 2002 година таа организација е на списокот на САД на странски терористички организации.