Во организација на Академијата за судии и јавни обвинители, а во соработка со Нотарската комора на Република Македонија денеска во Скопје ќе се одржи обука за „Кривично правниот аспект на нотарското работење“.
Целта на обуката е да се презентира нотарското работење од кривично правен аспект и да се укаже на дилемите и предизвиците кои се појавуваат во секојдневното работење на нотарите и судиите.
Обуката е дел од низата заеднички активности содржани во Меморандумот за соработка, кој во март 2014 година беше потпишан помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Нотарската комора на Република Македонија.
Пред учесниците поздравни обраќања ќе имаат претседателката на Нотарската комора на РМ, Зорица Пулејкова и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска.
Излагање на тема „Супсумација на нотарските деликти во Република Македонија„ ќе има проф. д-р Никола Тупанчески од Правниот Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, додека за „Евентуалните кривични дела кои што можат да се сторат при нотарското работење“ ќе говори м-р Фаик Арслани, судија и заменик претседател на Врховен суд на Република Македонија. За кривично правните аспекти на нотарското работење на оваа обука излагање ќе има јавниот обвинител на Основно јавно обвинителство Скопје, Гордана Гешковска.