Владата заедно со домашната бизнис заедница и со странските инвеститори ги разгледува можностите за поголема соработка меѓу нив и за поголема интегрираност на домашните компании во технолошко-индустриските развојни зони.
Од состанокот што денеска го организираше Министерството за економија се очекува да произлезат одредени сугестии кои потоа ќе бидат разгледани од Владата, а она што ќе биде прифатливо ќе се преточи во законско решение или во измени на постојните закони.
Според министерот за економија Ваљон Сарачини, во ниту еден закон не постои разграничување или ограничување на домашните и странските инвеститори и условите што важат за странските инвеститори, важат и за домашните.
– Во изминатиот период во јавноста се остава впечаток дека домашните инвеститори ги немаат истите услови со странските инвеститори и тоа не поттикна да организираме една ваква дебата. Наша главна цел е привлекување и на домашните и на странските инвестиции, отворање на нови работни места, зголемување на извозот и на севкупниот економски раст на земјата, изјави Сарачини.
Тој нагласи дека како резултат на политиките на Владата во ТИРЗ зоните се отворени нови работни места, зголемен е извозот и за првпат во последните години се извезуваат од Македонија готови производи со додадена вредност.
– Моментно во ТИРЗ зоните работат 2.600 лица, а во блиска иднина ќе се вработат и нови 3.600 лица. Ова покажува дека во зоните веќе почнуваат масовно да се вработуваат луѓе. Во првиот квартал само од зоните имаме реализирано извоз од 250 милиони евра и во споредба со минатогодишните 126 милиони евра за првиот квартал имаме раст за 95 проценти. Гледајќи ги податоците за април годинава кога имавме извоз од 100 милиони евра, очекуваме во вториот квартал до 35 проценти од вкупниот извоз да биде реализиран од ТИРЗ, нагласи Сарачини.
Министерот за странски инвестиции Веле Самак истакна дека целта на Владата е да се овозможи што повеќе домашни компании да се интегрираат во долгорочните производни процеси на странските инвеститори.
Според претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, постои недозрабирање за можностите за користење на условите за домашните компании во ТИРЗ.
– Законска можност за влез на домашните компании во ТИРЗ постои за определени дејности. Не можеме да инститираме македонските компании кои имаат одлична позиција во одредена дејност, да инвестираат сега во висока технологија. Затоа Стопанската комора на Македонија смета дека преку други механизми треба да се поддржат домашните компании и на тој начин да се влијае на рамноправната позиција на пазарот, изјави Азески.
Најголемата поддршка, Азески ја гледа во зголемувањето на капиталот на Македонската банка за поддршка на развојот.
– Сите искуства од регионот покажуваат дека развојните банки ги подигнаа економиите во комбинација со привлекувањето на странските инвестиции. Мислам дека Македонската банка за поддршка на развојот треба да го зголеми својот капитал, можностите за инвестирање и помош, обезбедувањето на кредити и поддршка на извозот…., истакна Азески.
И од Сојузот на стопански комори сметаат дека треба да се зголеми докапитализацијата на Македонската банка за поддршка на развојот и да се формира гарантен фонд за производните компании кои ќе бидат извозно ориентирани.