Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен денеска изјави дека Романија не е оставена сама, додавајќи дека секој сојузник на Алијансата ужива „целосна заштита“.
– Романија не е сама. Вие сте дел од НАТО и секој сојузник ја има целосната заштита од Алијансата. Затоа го зајакнуваме нешето присуство во воздух, во вода и на копно од Црното до Балтичкото Море, вклучувајќи ја и Романија, и ќе направиме се што е потребно, бидејќи агресијата на Русија ги поткопува принципите кои ги изградивме, како и мирот и просперитетот, истакна Расмусен по средба со романскиот претседател Трајан Басеску во Букурешт.
– Сега е повеќе од јасно дека одбраната е важна и дека силната врска меѓу Европа и Северна Америка е здрав фундамент на нашата безбедност, наглси Расмусен.
Според него, Романија покажала дека е можно да се смени тенденцијата за намалување на буџетите за национална одбрана и прави суштински инвестиции во оваа сфера.
Во однос на Украина, Расмусен изјави дека оваа земја треба сама да донесе одлука во врска со нејзиното присоединување кон различни сојузи.
На прашањето дали НАТО е подготвен за евентуална Трета светска војна, генералниот секретар одговори дека е „малку драматично да се зборува за Трета светска војна, но уверувам дека Алијансата е подготвена ефикасно да ги штити и одбрани своите сојузници“.