Враќање на фашизмот во Украина

Од:

Често забораваме дека фашизмот делува: како чиста и одлична алтернатива на овоземските должности на секојдневието, како светост со целосно ирационален поттик на разумот и искуствата. Фашизмот го карактеризираат вооружени одреди кои не личат на вооружени одреди, рамнодушност кон правилата на војната против народи кои ги сметаат за инфериорни, величење на царство по поробување на територија.

Фашизмот ја слави голата машка фигура, опседнат со хомосексуалноста која истовремено ја криминализира и емитира. Фашизмот го отфрлува либерализмот и демократијата како лажни форми на индивидуализам, дава предност на колективната волја над индивидуалниот избор и ги фетишизира славните подвици. Бидејќи делото е се, а зборот е ништо; зборовите се тука само да ги овозможат делата и потоа да ги преведат во митови. Вистината не може да постои, па историјата е само политичко средство. Така Хитлер можел да зборува за свети Павле како за свој непријател, Мусолини ги повикувал римските цареви.

Во 70-те години по крајот на Втората светска војна, заборавивме дека фашизмот порано бил привлечен на Европјаните, како и тоа дека бил дескридитиран само од воениот пораз. Денес тие идеи цветаат во Русија, земја која својата политика на историјата ја организира околу советскиот триумф во војната, додека рускиот вик на сирените има необична привлечност во Германија, поразена земја која требаше да учи од таа војна.

Револуцијата на плурализмот во Украина, Москва ја доживеа како шокантен пораз и за возврат покрена напад на европската историја. Додека вознемирените или фасцинирани Европјани го следат движењето на руските специјални сили од Крим низ Доњецк и Луганск, пропагандистите на Владимир Путин гледаат како да ги вовлечат во алтернативна стварност, во толкување на историјата која прилично се разликува од се што мислат повеќето Украинци и што всушност може да се докаже. Тврдат дека Украина никогаш не постоела во историјата, или ако постоела, била само еден дел од руското царство. Украинците не постојат како народ; во најдобар случај тоа се Мали Руси. Но, ако не постои Украина и Украинци, тогаш не постои ни Европа и Европјани. Ако Украина исчезне од историјата, ќе исчезне и местото на најголемите злосторства на нацистичкиот и сталинистичкиот режим. Ако Украина нема минато, тогаш Хитлер никогаш не се обидел да основа своја империја, а Сталин никогаш не спроведувал терор со глад.

Украина секако има своја историја. Територијата на современа Украина лесно може да се смести во рамки на секоја поголема епоха во европското минато. Киевската историја на источнословенската државност почнува во Киев пред еден милениум. Нејзината средба со Москва ќе следи по векови по власта од центарот како што се Вилнус и Варшава, а припојувањето на украинските земји кон Советскиот Сојуз, дури откако воените и политички тензии ги убеди и самите болшевици дека Украина треба да се третира како посебна политичка единица. По бројните смени на окупаторите на Киев, на крај победи Црвената армија и во 1922 година била воспоставена Украина како дел од новиот Советски Сојуз.

Токму поради тоа што Украинците било тешко да се потиснат и токму поради тоа што советска Украина била западна погранична земја на СССР, од почетокот на советската историја прашањето за европскиот идентитет на Украина било централно. Советската политика се двоумела околу Европа: советската модернизација требаше да ја следи европската капиталистичка модерност, но само за да ја надмине. Во таа поставка Европа може да биде прогресивна или регресивна, во зависност од моментот, перспективите и расположението на лидерите.

Во текот на 20-тите години од минатиот век, советската политика била наклонета кон развојот на украинската интелектуална и политичка класа, претпоставувајќи дека образуваните Украинци ќе се сврстат во советската иднина. Следните децении советската политика планирала да ги модернизира селските области со колективизација на земјата, претворајќи ги селаните во државни работници. Тоа доведе до пад на приходите и масовен отпор на украинските селани кои веруваа во приватната сопственост.

Јосиф Сталин овој пораз го преиначил во политичка победа, обвинувајќи ги за неуспехот украинските националисти и нивните странски покровители. Продолжил со реквизиција на житото по Украина, целосно свесен дека милиони луѓе гладуваат и ја избришал новата украинска интелигенција. Над 3 милиони луѓе умреле од глад во советска Украина. Воспоставен е нов советски режим на заплашување, а Европа станала закана. Сталин, бесмислено но делотворно, тврдел дека Украинците намерно се прегладнуваат самите себеси по наредба од Варшава. Подоцна советската пропаганда одлучила дека секој кој ќе спомне глад е шпион на нацистичка Германија.

Така е родена политика на фашизам и антифашизам според која Москва стоела на браникот на се што е добро, додека сите нејзини критичари биле фашисти. Оваа многу делотворна поза не го разниша ни вистинското сојузништво на советите со вистинските нацисти во 1939 година. Сметајќи дека злоупотребата на антифашизмот во руската пропаганда повторно е актуелна, важно е да се запамти: манихејската порака на оваа грандиозна приказна била наменета да служи на државата и на ниту еден начин не ја ограничувала. Но, антифашизмот како реторичка стратегија не е исто што и спротивставување на вистинските фашисти.

Украина била центар на политиката која Сталин ја нарекол внатрешна колонизација, искористување на селаните внатре во Советскиот Сојуз наместо народ од оддалечени колонии; Украина била и во центар на Хитлеровите планови за надворешна колонизација. Нацистичкиот Лебенсраум пред се ја опфатил Украина. Нејзината плодна земја требала да се исчисти од советската власт и да се стави во корист на Германија. Планот бил и понатаму да се користат Сталиновите колективни фарми, но текот на храната да се пренасочи кон запад. Германските партнери очекувале дека и до 30 милиони жители на Советскиот Сојуз попатно ќе умрат од глад. За нив Украинците секако биле класа подоле, неспособни за нормален политички живот. Ниту една европска земја не била подвргната толку многу на интензивна колонизација како Украина и ниту една европска земја не поднела поголемо страдање од 1933 до 1945. Украина била најпогибелното место на светот.

Иако основната воена цел на Хитлер била уништување на Советскиот Сојуз, алијансата со Советскиот Сојуз му била потребна за почеток на воената кампања. Бидејќи во 1939 година станало јасно дека Полска ќе даде отпор, Хитлер го регрутирал Сталин за двојна инвазија. Сталин со години се надевал на тој повик. Веќе долго советската политика се стремела кон уништување на Полска. Дури, Сталин верувал дека сојузништвото со Хитлер, значи соработката со крајната европска десница, ќе биде пресудна за уништување на Европа. Мислел дека германско-советската алијанса ќе ја сврти Германија против нејзините западни соседи и ќе доведе до слабеење илу дури до уништување на европскиот капитализам. Тој план не се разликува многу од некои калкулации кои денес ги прави Путин.

Здружената германско-советска инвазија довела до пораз и уништување на полската држава, но за последица имала и развој на украинскиот национализам. Украинското национално движење не постоело во Советскиот Сојуз во 30-тите години од минатиот век, само во Полска делувала подземната терористичка Организација на украинските националисти (OUN), која во нормални времиња едвај успевала нешто повеќе освен да оди на нерви.

Кога почнала војната, OUN добила на значење. Се противела и на полската и на советската власт на територии кои ги сметала за украински, додека германскиот продор на исток го гледала како еден начин за почеток на процес на изградба на украинската држава. Така OUN ја поддржала германската инвазија на Полска во 1939 година и тоа ќе го направи повторно во 1941 година, кога Хитлер го предал Сталин и ја нападнал СССР.

Во меѓувреме, по искуството со советските власти, украинските леви револуционери кои пред војната биле бројни, почнале да се придружуваат кон радикалната десница. Советите го убиле лидерот на OUN, па во националистичката организација почнала борба за превласт меѓу двете фракции кои ги предводеле Стјепан Бандера и Андреј Мелњик.

Украинските националисти се обиделе да влезат во политичка колаборација со Германија во 1941 и не успеале. Во германската инвазија на СССР учествувале стотици украински националисти во улога на извидувачи и преведувачи, додека некои помагале на Германците и во организација на погром на Евреите. Украинските националистички политичари се обиделе да ги наплатат долговите прогласувајќи независна Украина во јуни 1941 година. Но, Хитлер останал целосно незаинтересиран. Мнозинството од украинското национално раководство биле убиени или уапсени. Самиот Бандера до крајот на војната останал во затворенички логор во Сахсенхаузен.

Во текот на војната многу украински националисти се подготвувале за момент на востание кога советската сила ја заменила германската. На СССР гледале како на свој главен непријател, дел од идеолошки причини, но главно бидејќи ја добивала војната. Во западната покраина Волиња националистите основале Украинска бунтовничка војска чија задача била некако да ги победи советите, бидејќи советите ги победиле Германците. Попатно презела масовно етничко чистење на Полјаците во 1943 година, а истовремено убивајќи многу Евреи кои се криеле со Полјаците. Тоа не била соработка со Германците, туку злосторничка страна на она што лидерите го виделе како национална револуција. Украинските националисти ја продолжиле борбата против советите во ужасна герилска војна во која двете страни користеле најбрутална тактика.

Политичката колаборација и востанието на украинските националисти, прави мал сегмент на историјата на германската окупација. До крајот на војната на територијата на денешна Украина убиени се 6 милиони луѓе, вклучувајќи околу милион и пол Евреи. За време на окупацијата на советската Украина, локалното население соработувало со Германците, како што бил случај во поширокиот окупиран Советски Сојуз па и во окупираната Европа. Илјадници Руси соработувале со германските окупаторски власти. Вистинскиот контраст не бил меѓу Украинците и другите советски народи, туку меѓу советските народи и западните Европјани. Советските народи, цивили или војници, страделе многу повеќе од што било случај со западните Европјани.

Во Украина се убиени многу повеќе луѓе од тие што соработувале со Германците, што не може да се каже за ниту една окупирана земја во континентална Западна Европа. Во таа смисла далеку повеќе луѓе од Украина се бореле против Германците од што биле на страната на Германците, што повторно е нешто што не може да се каже за ниту една континентална западноевропска земја. Мнозинството Украинци кои се бореле во војната носеле униформи на Црвената армија. Повеќе Украинци биле убиени во борба против Вермахтот отколку американски, британски и француски војници заедно.

Руската пропаганда денес изнесува лажни тези дека Црвената армија била руска војска. Ако Црвената армија се смета за руска, тогаш Украинците биле непријатели. Овој концепт е измислица на Сталин од крајот на војната. Додека во текот на војната на Украинците им била оддавана почест поради нивното страдање и отпор, по војната биле клеветени и прогонувани поради нелојалност. Бидејќи доцниот сталинизам попримил одреден облик на руски национализам, Сталиновата идеја на Големата татковинска војна имала две намени: првата акција почнала во 1941 година а не во 1939 година, па нацистичко-советската алијанса била заборавена, додека Русија била ставена во центар на настаните иако најчесто Украина била вистинско поприште на војната со Евреите како примарни жртви.

Пропагандата на 70-тите години од минатиот век остана на сила во современата политика на памтење многу повеќе од самото искуство од војната. Сегашната генерација на руски политичари се деца на 70-тите години, наследници на култот на војната кој го создаде Леонид Брежњев. Во неговата интерпретација војната стана едноставно руска, без Украинци и Евреи. Евреите страдале повеќе од било кој друг народ во Советскиот Сојуз, но Холокаустот е исфрлен од официјалната советска историја. Потенциран е во советската пропаганда насочена против Западот, па за страдањата на Евреите биле обвинувани Украинци и други националности жители на територии кои Сталин ги освоил на почетокот на војната како Хитлеров сојузник во 1939 година и луѓе кои се спротивставиле на советските власти во 1945 година. Тоа е традиција на која руските пропагандисти се вратија во актуелната украинска криза: целосна рамнодушност кон Холокаустот освен како политичко средство корисно за манипулирање со Западот.

Најголема закана на посебниот украински идентитет веројатно е периодот на владеењето на Брежњев. Тој не сакал Украина да ја потчинува на глад и да ја обвинува за војната, туку неговата политика ги апсорбирала украинските образувани класи во советската хуманистичка и техничка интелигенција. Украинскиот јазик бил исфрлен од училиштата, а посебно од високото образование. Украинците кои инсистирале на човекови права биле осудувани на затвор или гнасни психијатриски болници. Во таква атмосфера, украинските патриоти па дури и украинските националисти, го прифатиле граѓанското разбирање на украинскиот идентитет, не истакнувајќи ги повеќе старите аргументи за претците и историјата, во корист на попрагматичен пристап на заедничките политички интереси.

Во декември 1991 година од 90 отсто жители на советска Украина гласаа за независност (вклучувајќи го мнозинството во сите региони на Украина). Русија и Украина тогаш отишле секоја на своја страна, но двете земји паднаа во олигархијата на бранот на приватизацијата и беззаконието. Во Русија олигарсите под контрола ги држела централизираната држава додека во Украина била создадена чудна сорта на плурализам. Се до неодамнешното колебање меѓу исток и запад била карактеристика на надворешната политика на сите украински претседатели, како и олигархиски кланови. Виктор Јанукович избран во 2010 година се обиде да го укине плурализмот.

Во внатрешната политика создаде лажна демократија со партијата на крајна десница Свобода, која беше негова омилена опозиција. Така можеше да победува на изборите, а странскиот мониторинг да го убедува дека е подобар од националистичката алтернатива. Во надворешната политика се сврте кон Русија на Путин, не затоа што сакаше, туку затоа што неговата клептократска корупција беше толку екстремна, што сериозната економска соработка со Европската унија би донела правосуден предизвик на неговата економска моќ. Изгледа дека Јанукович толку искраде од државната каса, што самата држава во 2013 година наиде на ивица на банкрот, што исто така одговараше на Русија. Москва беше подготвена да ги занемари делата на Јанукович и да му позајми пари потребни за итни плаќања, за извесна политичка цена.

До 2013 година колебањето меѓу Русија и западот повеќе не беше можно. Москва повеќе не претставуваше само руска држава со интереси кои помалку или повеќе можеа да се предвидат, туку грандиозна визија на евроазиски интеграции. Евроазискиот проект имаше два дела: создавање на сојуз на слободна трговија меѓу Русија, Украина, Белорусија и Казахстан, како и уништување на Европската унија со поддршка на европската крајна десница. Целта на Путин беше и е исклучително едноставна. Неговиот режим зависи од продажбата на енергенти на кои е приклучена Европа. Обединета Европа може да креира политика на енергетска независност, под притисок на руската непредвидливост или глобалното затоплување, или поради двете. Но, дезинтегрираната Европа би останала зависна од руските енергенти.

Откако се формулирани овие амбиции, евроазиската визија се судри со реалноста на украинското општество. Обидот Украина да се внесе во евроазиската орбита кон крајот на 2013 и почетокот на 2014 година произведе токму спротивен ефект. Русија јавно го одвраќаше Јанукович од потпишување на трговскиот договор со Европската унија. Тоа доведе до протести во Украина. Потоа Русија понуди голем заем и повластени цени на гасот во замена за прекин на протестите. Строгите закони во руски стил усвоени во јануари, ги претворија протестите во масовно движење. Милиони луѓе на мирните протести одеднаш беа означени како криминалци, па некои од нив почнаа да се бранат од полицијата. На крај, Русија на Јанукович му стави до знаење дека мора да ги тргне демонстрантите од улиците на Киев, ако сака пари. Во февруари се случи снајперски масакр кој на револуционерите им врачи чиста морална и политичка победа, кога Јанукович беше принуден да побегне во Русија. Обидот за создавање на проруска диктатура во Украина предизвика спротивен ефект: враќање на парламентарната власт, распишување на претседателски избори и надворешна политика насочена кон Европа.

Револуцијата во Украина не значеше само пропаст за руската надворешна политика, туку предизвик на режимот на Путин дома. Слабоста на политиката на Путин е во тоа што не е во состојба да претставува постапки на слободни човечки битија кои избираат да се организираат во непредвидливи историски настани. Руската пропаганда ја означи украинската револуција како нацистички државен удар и ги обвини Европјаните за поддршка на овие божемни нацисти. Иако бесмислена, оваа верзија е многу попријатна за менталниот склоп на Путин, бидејќи го отстрани дебаклот на неговата надворешна политика во Украина, а спонтаната акција на Украинците ја објаснија со странски заговори. Подлата руска инвазија на Крим, Доњецк и Луганс, е фронтален предизвик за европската безбедност како и за украинската држава.

Тука народната волја или заштита на правата немаат никаква врска: дури ни кримското истражување на јавното мислење никогаш не забележа мнозинска склоност кон обединување со Русија, додека граѓаните кои зборуваат руски во Украина се многу послободни од тие кои зборуваат руски во Русија. Анексијата на Крим беше изведена со помош на сојузниците на Путин меѓу екстремистите ширум Европа. Ниту една честита организација не би ја следела мирно референдумската фарса на која наводно 97 отсто жители на Крим гласале во прилог на обединувањето. Но, делегацијата составена од десничарски популисти, неонацисти и членови на германската партија Дие Линке т.е. Левица, со задоволство дојде и ги потврди резултатите. Меѓу Германците кои патуваа на Крим беа и четири члена од партијата Дие Линке и еден член од Неу Рехт т.е. Нова десница. Интересна комбинација. Дие Линке се движи во виртуелната реалност која ја креираше руската пропаганда, а задачата за европската левица е да ја критикуваат украинската десница, но не европската десница, и секако не руската десница. Тоа исто така е и американски феномен, видлив на пример во изненадувачката согласност за природата на украинската револуција и оправданоста на руската контрареволуција која ја истакна списанието Executive Intelligence Review на Линдон Ларуш, Институтот за мир и просперитет Рон Пол и The Nation.

Секако, постојат основи за загриженост поради крајната десница во Украина. Партијата Свобода, опозиција на Јанукович, во актуелната влада има три од 20 министерски места. Тоа е премногу во однос на поддршката на гласачите од околу 2 отсто. Некои од луѓето кои се бореа против полицијата во текот на револуцијата, иако никако не прават мнозинство, се членови на новата групација Десен сектор, меѓу кои има и радикални националисти. Според предизборните анкети нивниот претседателски кандидат има помалку од 1 отсто поддршка, додека самата група има околу 300 членови. Во Украина навистина постои поддршка на крајната десница, иако е помала во повеќето членки на Европската унија.

Револуционерната состојба секогаш оди на рака на екстремистите и секако дека е потребно голема внимателност. Меѓутоа, вреди да се напомене дека во Киев е воспоставен ред веднаш по револуцијата и дека новата влада зазема речиси неверојатно сложен став во однос на руската инвазија. Во денешна Украина постојат сосема реални политички разлики, но насилството избива во региони кои се под контрола на проруските сепаратисти. Единствено сценарио според кое украинските екстремисти избиваат на сцената би било тоа во кое Русија навистина се обидува да изврши инвазија на остатокот од земјата. Ако во мај претседателските избори се спроведат според планот, непопуларноста и слабоста на украинската крајна десница ќе биде очигледна. Тоа е една од причините поради кои Москва е против тие избори.

Критичарите кои се занимаваат само со украинската крајна десница често не забележуваат две многу важни работи. Првата е дека револуцијата во Украина почна од левицата. Тоа беше масовно движење од тој вид за кој Европјаните и Американците денес знаат само од историјата. Движењето беше против авторитарната клептократија, со социјална правда и владеење на законите како централна програма. Го иницираше новинар со авганистанско потекло, неговите први паднати жртви беа човек од Ерменија и од Белорусија, а го поддржаа муслиманската татарска заедница од Крим и многу украински Евреи. Меѓу загинатите во снајперскиот масакр беше еден ветеран на Црвената армија, Евреин. Многу ветерани на израелските одбранбени сили се бореа за слобода во Украина.

На Мајдан симултано се зборуваше на украински и на руски бидејќи Киев е двојазичен град. Украина е двојазична земја, а Украинците се двојазичен народ. Движечката сила на револуцијата беше всушност киевската средна класа која зборува руски. Актуелната влада, без оглед на сите нејзини недостатоци, несвесно е мултиетничка и мултилингвална.

Украина моментално е простор на најголемите и најважни слободни медиуми на руски јазик, бидејќи токму рускиот јазик е јазик на влијателните медиуми во Украина и бидејќи преовладува слобода на медиумите. Идејата на Путин за одбрана на луѓето кои зборуваат руски во Украина е апсурдна на многу нивоа, а едно од нив гласи: во Украина луѓето можат да зборуваат што сакаат на руски јазик, додека во самата Русија тоа не го можат. Сепаратистите на украинскиот исток кои според многу анкети се малцинство на локалното население, протестираат во име на правото да се приклучат на државата во која протести се забранети со закон. Се обидуваат да ги спречат изборите на кои можат да ги искажат своите легитимни интереси, а ако источните региони се приклучат на Русија, можат да се простат од организирање на избори во иднина.

Друга работа која тука се предвидува: авторитарната десница во Русија е бескрајно поопасна од авторитарната десница во Украина. Пред се таа е на власт. Нема значајни противници. Не мора да се прилагодува на внатрешните избори или на меѓународните очекувања. Сега спроведува надворешна политика која нескриено се темели на етницизација на светот. Тука нема врска кој е поединец според законот или сопствените склоности: фактот дека зборува руски јазик го прави припадник Волксгеносе или сонародник, на кого му треба руска заштита, што значи инвазија. Путин даде овластување на рускиот Парламент да ја нападне цела Украина и да ја промени нејзината општествена и политичка структура, што е исклучително радикална цел. Рускиот парламент исто така упати официјално писмо до полското министерство за надворешни работи со предлог за поделба на Украина.

На гледана руска телевизија Евреите се обвинуваат за Холокаустот, во влијателниот весник Известија, Хитлер се рехабилитира како разумен државник кој реагирал на неправедните притисоци од Западот; За Први мај беше организиран марш на руски неонацисти.

Сето тоа е во согласност со основната идеолошка премиса на Евроазија. Таму каде европските интеграции поаѓаат од премисата дека национал-социјализмот и сталинизмот се негативни примери, евроазиските интеграции почиваат на постмодерна премиса дека историјата е вреќа со корисни идеи. Каде европските интеграции претпоставуваат либерална демократија, евроазиската идеологија експлицитно ја исфрлува. Главниот евроазиски идеолог Александар Дугин, кој во една прилика повика на фашизам, црвен како крв, сега привлекува се поголемо влијание од било кога порано. Неговите три основни политички идеи – колонизација на Украина, декаденција на Европската унија и алтернативен евроазиски проект од Лисабон до Владивосток, сега се и официјално прогласени, иако во попитома форма, за руската надворешна политика. Дугин е советник на сепаратистичките лидери во источна Украина.

Путин се претставува како лидер на крајната десница во Европа додека лидерите на европските десничарски партии му се заколнуваат на верност. Очигледна е контрадикцијата: руската пропаганда на западњаците тврди дека во Украина проблемот е во тоа што владата е премногу десничарска, додека Русија создава коалиција со европската екстремна десница. Членовите на екстремистичките, популистичките и неонацистичките партии одеа во Крим и ја фалеа референдумската фарса како пример за Европа.

Како што укажа Антон Шековцов, истражувач на европската крајна десница, лидерот на бугарската екстремна десница кампањата на својата партија пред изборите за европскиот парламент ја лансираше во Москва. Италијанскиот Национален фронт го фали Путин поради неговиот храбар став против моќното геј лоби. Неонацистите од грчката Златна зора Русија ја гледаат како бранителка на Украина од алчноста на меѓународните лихвари. Хајнц-Кристијан Штрахе од австриската Слободарска партија ФПО надреално тврди дека Путин е вистински демократ. Дури и Најџел Фараж, лидер на британската Независна партија УКИП, во неодамнешна телевизиска дебата пред милиони британски гледачи ја пренесе Путиновата пропагандна слика на Украина со апсурдни тврдења дека Европската унија ги закрваве рацете во Украина.

Претседателските избори во Украина треба да се одржат на 25 мај што ниту малку не е случајно, последен ден на изборите за европскиот парламент. Гласот на Штрахе во Австрија или за Ле Пен во Франција, или дури за Фараж во Британија сега е глас за Путин, а поразот на Европа е победа на Евроазија. Тоа е едноставна објективна стварност: обединета Европа може и веројатно сака соодветно да одговори на агресивната позиција на руските петро-држави со заедничка енергетска политика – таму каде не сака толпата раскарани национални држави. Секако, враќањето на националните држави е популистичка фантазија и евроинтеграциите ќе продолжат во оваа или друга форма, за што може да се расправа во иднина. Порано политичарите и интелектуалците зборуваа дека европскиот проект нема алтернатива; сега ја има Евроазија.

Без Европа Украина нема историја, но ни Европа нема историја без Украина. Украина нема иднина без Европа, но ни Европа нема иднина без Украина. Со векови историјата на Украина откривала одлучувачки моменти во историјата на Европа. Тоа и денес се смета за точно. Резултатот, барем уште некое време, ќе зависи од Европјаните.

Би можело да ве интересира

Бомба тешка 250 килограми е пронајдена кај Нова Градишка

ВИДЕО: Невреме го потопи Сплит

Земјотрес од 4,4 степени во Босна, почуствуван и во Хрватска

На српско-хрватската граница повторно уапсен актерот Сергеј Трифуновиќ

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Невреме во Хрватска, се излеа Сава кај Загреб

Стигна студениот бран во Словенија и Хрватска, падна и снег