Македонија е единствена земја во регионот во која нема заштита од дискриминација заради сексуалната ориентација и родов идентитет. Четири години по донесувањето на Законот против дискриминација, се покажува дека не само што не се намалува туку се засилува и говорот на омраза и насилството и дискриминацијата по основа на сексуална ориентација.
Ова е причинита што Коалицијата “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, ФРИК и други организации покренуваат иницијатива за промена на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Иницијативата за предлог измените е активност во рамките на Проектот “Член 3 Солидарност и поддршка за подобрување на заштитата од дискриминација на ЛГБТИ заедницата”.
-Промената на Законот за спречување и заштита од дискриминација ќе значи правно признавање на ЛГБТИ заедницата, што ќе допринесе до зголемена видливост на заедницата пред институциите и пред општата јавност, а со тоа и до поефикасна заштита од насилство и дискриминација. Сексуалната ориентација и родовиот идентитет се еднакво битна карактеристика на личноста како расата, полот, етничката припадност, па според тоа е потребен еднаков третман на овие основи за дискриминација во законот, рече Драгана Дрндаревска од Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.
Пред 4 години дел од организациите иницијатори го прифатија законот против дискриминација без одредбата против дискриминација врз основа на сексуалната ориентација.
– Четири години подоцна ние имаме широк фронт кој е поддржан од над 40 организации и она што е интересно, некои од нив се дел од мрежата за борбата против дискриминација, рече Ирена Цветковиќ од Коалицијата
Една од причините за донесувањењто на Законот против дискриминација беше усогласување со европското законодавство, а одредбата за сексуалната ориентација исчезна од конечниот текст на законот.
– Македонија треба конечно да одговори на преземените обврски пред меѓународните институции и да ја внесе сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација во законот. „Извештаите за прогресот на РМ кон ЕУ ја нагласуваат потребата од дополнување на антидискриминацискиот закон со вклучување на сексуалната ориентација како заштитен основ. Исто така, во последниот извештај на Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената, Македонија доби препорака да ги вклучи секусалната ориентација и родовиот идентитет во Законот за спречување и заштита од дискриминација. Во двата круга на Универзалното периодично разгледување на Македонија пред Советот за човкови права при ООН е нагласена обврската на државата да ги вклучи сексуалната ориентација и родовиот идентитет во законите, вели Наташа Бошкова од Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“
Случаите што стигнале до Хелсиншки комитет покажуваат засилување на говорот на омраза, насилство и дискриминација врз ЛГБТИ заедницата.
-Бројните напади на ЛГБТИ центарот за поддршка, нападите на активисти, постојаниот говор на омраза алармираат за потребата од заштита од дискриминација и насилство. Внесувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во законот е прв чекор и основна мерка која законодавецот мора да ја превземе. Прашањето на заштитата на човековите права на ЛГБТИ заедницата, не е само излорано прашање на една маргинализирана заедница, туку е прашање на степенот на демократија во едно општество, рече Уранија Пировска.
Националната мрежа против хомофобија и трансфобија прв пат на јавен простор во Македонија, оваа година ќе го одбележи Интернационалниот ден за борба против хомофобија на 18 мај (недела) во Градскиот Парк. Од пладне до 16 часот во градскиот парк активистите од Мрежата ќе организираат јавен настан на кој ќе побараат измени и дополнувања на анти-дискриминацискиот закон со внесување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во членот 3 меѓу останатите основи на дискриминација.
Кампањата е поддржана од Фондацијата отворено општество – Македонија
А.Б.