Лидерот на екстремно десничарската Британска национална партија (БНП), Ник Грифин денеска го оцени холокаустот како „клуб на моралисти“ што се користи за да се спречат луѓето да расправаат за имиграцијата.
Во интервју за Радио 4 на Би-Би-Си, Грифин тврди дека холокаустот над Евреите во Втората светска војна редовно го експлоатираат „нежните либерали“ за да може да се блокира секоја критика на раширената имиграција.
Ова не е првпат Грифин потценувачки да се однесува кон погромот на Евреите од страна на нацистичка Германија. Во 1997 година тој беше осуден на две години затвор условно, затоа што во екстремно десничарски списанија пишуваше дека убиството на шест милиони Евреи во текот на последната светска војна било „лага и измама“.
Во денешното интервју тој, сепак, тврдеше дека никогаш не го негирал и не го омаловажувал холокаустот, обвинувајќи го водителот на радио програмата дека се обидува да го „оцрни“ пред британската јавност, прикажувајќи го како антисемитист.
Британската јавност многу често БНП ја квалификува како расистичка и ксенофобична, иако Грифин се обидува да ја прикаже како пробританска партија која заговара „Британија да им се врати на Британците“, посебно во секторот на вработувањето.
Левичарските и либералните кругови во Велика Британија сметаат дека меѓу неговата политика кон имиграцијата и онаа на Партијата на независноста на Обединетото Кралство (УКИП), практично, нема никаква разлика.
Раководството на БНП и Грифин ги отфрлаат и обвинувањата за расизам, иако лидерот на оваа партија за покојниот поранешен претседател на Јужноафриканската Република Нелсон Мандела има изјавено дека е „убиствен стар терорист“, како и дека е „обземен со омраза кон белците“.
Во најновото пропагандно видео на БНП, објавено на Јутјуб во пресрет на претстојните евроизбори, остро се критикуваат хомосексуалците и исламот.