Делегација на ОАЕ за прв пат ќе се приклучи на маршот на Холокаустот во Полска

Од:

Делегација од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) годинава за првпат ќе учествува на „Маршот на живите“ во Полска.

Во маршот, што треба да се одржи на 28 април оваа година, секоја година учествуваат околу 10.000 Евреи од целиот свет кои пешачат по патеката долга три километри меѓу Аушвиц и Биркенау, двата најголеми германски концентрациони логори во Третиот Рајх.

Делегацијата на ОАЕ ќе ја предводи Ахмед Обаид Ал Мансури, заедно со претприемачот и филантроп Ејтан Неишлос, новоименуваниот основач и амбасадор на Меѓународниот марш на живите во земјите од Персискиот залив, соопштија организаторите.

Тие заедно ќе запалат еден од шесте факели, во спомен на шесте милиони Евреи убиени во текот на Холокаустот, на централниот меморијален настан.

Ахмед Убаид Ал Мансури беше основач на првата меморијална галерија на Холокаустот во арапскиот и исламскиот свет, соопштија организаторите. Ал Мансури основал и музеј во чест на Холокаустот во Дубаи.

– Лекциите од минатото и опасностите од омраза и предрасуди мора да се научат низ целиот свет за добро на човештвото, рече Ал Мансури во соопштение.

Покрај тоа, тој рече дека новата ситуација на Блискиот Исток, која доведе до подобрување на пријателствата меѓу Евреите и муслиманите, е историска можност за обединување во сеќавање на жртвите од Холокаустот.

Во септември 2020 година Израел постигна договор со ОАЕ и со Бахреин за нормализирање на дипломатските односи. Познати како Абрахамски договори, тие беа посредувани од САД за време на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Мароко и Судан подоцна, исто така, се согласија да ги нормализираат односите со Израел. Досега Египет и Јордан беа единствените арапски нации кои имаа дипломатски односи со Израел, потсетува ДПА.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Пијан провалил во козметички салон во Полска и заспал, го разбудила полицијата

Во Штип се одбележаа 81 година од депортацијата на Евреите во логорот на смртта „Треблинка“

(ВИДЕО) Тепачка, солзавец и шок бомби: Полициска пресметка со земјоделците во Варшава

Полска: Подготвени сме да го браниме НАТО од секаков напад

Тенк прегази двајца војници во Полска: Едниот загина, другиот во критична состојба

(ВИДЕО) Два тона ѓубриво фрлени пред домот на рускиот амбасадор во Полска

Горан Наумовски