Традиционалната детска ликовна колонија „Св. Пантелејмон“ која заеднички ја организираат Општина Карпош и Детскиот ликовен центар кој функционира на територијата на оваа Општина, годинава ќе има поширок меѓународен карактер.
За таа цел, на иницијатива на членот на Советот на Општина Карпош и претседател на Комисијата за јавни дејности, образование и социјална заштита, проф.
д-р Зоран Поповски и стручниот секретар на Детскиот ликовен центар Харалампие Манчев, денеска се одржа координативен состанок за оваа голема ликовна манифестација.
Со цел, Детската ликовна колонија повторно да го врати регионалниот карактер, во Општина Карпош дојдоа претставници од две амбасади, првиот секретар од амбасадата на Црна Гора, г-дин Данило Брајовиќ, вториот секретар амбасадата на Србија во Македонија, г-ѓа Деана Џукиќ и директорот на Бугарскиот културно-информативен центар во Република Македонија, г-дин Димитар Христов.
Во сите овие три држави Општина Карпош има збратимени општини и тоа Тиват во Црна Гора, Нови Београд, Сремски Карловци и Врњачка бања од Србија и Триадица во Софија-Бугарија. Освен тоа, локалната самоуправа од Карпош е збратимена со општините, Стари Град –Сараево и Травник -БиХ, од каде се очекува присуство на учениците од овие две општини. Заеднички е договорено младите сликарски таленти од основните и средни училишта од овие општини во придружба со по еден ликовен педагог да бидат гости во септември на осмата по ред ликовна колонија „Св. Пантелејмон“.
Освен традиционалната ликовна колонија се планира да биде организирана и работилница на кои децата ќе се запознаваат со употреба на разни нови и креативни сликарски техники, а за гостите од другите земји е предвидено и запознавање со културните и туристичките знаменитости на Карпош и Скопје.