Победник на „Wizz Air“ Скопски маратон 2014 и нов рекордер е Емануел Самал од Кенија со време од 2 часа 14 минути и 24 секунди. Второпласиран е неговиот сонародник Јулиус Кипруто Куто со време 02:21:46, а третото место го освои Даниел Мучуну Мванги, исто така од Кенија.
Во женска конкуренција победата и припадна на Луси Вамбуи Муриги од Кенија, остварувајќи време од 2 часа 37 минути и 45 секунди. Второто место го освои Росина Кибоино со време 02:44:03, а последното место на пиедесталот го освои Тунде Сзабо со време 02:48:20.
Низ улиците на главниот град денеска трчаа повеќе од 300 маратонци, 1.000 полумаратонци и над 4.500 учесници во хуманитарната трка.
Кениец беше најбрз и во полумаратонот. Едвин Кембои во машка и Сибила Маерс од САД во женска конкуренција победија со времиња од 01:09:28, односно 01:30:28. Останатите места на подиумот во машка конкуренција беа наменети за нашиот Кокан Ајановски (01:15:51) кој го освои второто место и Тед Даглас од САД кој беше третопласиран со време 01:18:11.
Во женска конкуренција, второ најдобро беше времето на нашата маратонка Росица Костова (01:31:18), додека на третото место се пласира Диана Голек од Полска(01:33:38).
Победници на хуманитарната трка која воедно беше и најмасовна од трите трки беа Маја Стојковска во женска конкуренција со време 00:21:49 и Илир Келези во машка конкуренција со време 00:16:31. Останатите места на подиумот ги освоија Александар Стојановски (2 место – 00:16:54) и Атанас Анчевски (3 место – 00:16:59) во машка, и Ана Цоковиќ ( 2 место – 00:22:36) и Елена Бонева (3 место – 00:23:36).
– Овогодинашната маратонска трка под името „Wizz Air“ Скопски маратон 2014 помина одлично и ги надмина дури и нашите очекувања, кои како на организатори на самата манифестација, се секако многу високи. Би сакал да изразам благодарност до сите пријатели на маратонот кои на најразличен начин беа дел од него и помогнаа имиџот на „Wizz Air Скопски маратон 2014“ да продолжи да расте, изјави Кире Синадиновски, директор на манифестацијата.
Стартот на овогодинашниот „Wizz Air“ Скопски маратон го означија Вилсон Кипсанг Кипротич, светскиот рекордер во маратонско трчање и овогодишен специјален гостин на манифестацијата и градоначалникот на Коце Трајановски како нејзин покровител.